Бугарија и Грција ги добија првите дози на вакцините против коронавирус, а вакцинирањето ќе почне од утре. Возилата со по 9.750 дози од вакцината на Фајзер пристигнаа синоќа и утрово во Грција и во Бугарија.
Софија очекува во јануари да пристигнат 62.500 дози, додека Грција, најави во текот на следната седмица пристигнување на уште 83.850 дози од вакцината. До крајот на јануари во Грција ќе бидат доставени 429.000 дози и 333.450 дози до крајот на февруари, а до крајот од првиот квартал од 2021 година, само од Фајзер/БиоНТек, се очекува земјата да добие 1.265.550 дози.
Вакцините во Грција ќе се чуваат во специјални фрижидери за длабоко замрзнување во пет простори за складирање на тајна локација, а оттаму ќе се пренесуваат во центрите за вакцинација кои се вкупно 1.018 во целата земја.
Вакцините што пристигнаа во Софија, веќе се ставени во замрзнувач, а за помалку од еден час првите вакцини ќе одат во Пловдив и Бургас, најави министерот за здравство Костадин Ангелов.
Бугарскиот министер додаде дека ќе се потпре на медиумите за да ги информираат луѓето и да ја убедат јавноста дека вакцините се безбедни за здравјето.