Рускиот Фонд за директни инвестиции (РДИФ) и српскиот Институт за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“ објавија дека постигнале договор за производство на руската вакцина против коронавирус „спутник 5“ во Србија. Производството во погоните на „Торлак“ може да започне до мај, објави агенцијата „Танјуг“.
Србија ќе биде првата земја во Југоисточна Европа што ќе ја произведува вакцината „спутник 5“, а подоцна ќе може да се извезува во соседните земји, се вели во соопштението.
Директорот на РДИФ, Кирил Димитријев, ѝ се заблагодари на Владата на Србија за континуираната поддршка и доверба во „спутник 5“.
– Србија е меѓу првите земји во светот што го одобри „спутник“ и ја користи вакцината за да го заштити населението од коронавирусот. Производството на руската вакцина во „Торлак“ ќе обезбеди полесна логистика и ќе помогне во забрзувањето на програмата за вакцинација на земјата – рече Димитријев.
Министерот за иновации и технолошки развој, Ненад Поповиќ, меѓу другото, рече дека производството на вакцината „спутник 5“ во институтот „Торлак“ ќе ги зајакне капацитетите на Србија да се бори против пандемијата на коронавирус и ќе отвори нови перспективи за дистрибуција на вакцината во Југоисточна Европа.