Хрватскиот завод за јавно здравје објави детални препораки за одржување на свадби кои од неодамна повторно се дозволени во Хрватска. Дел од препораките се стандардни – станува збор за потсетување на луѓето за одржување хигиена и дистанца од метар и половина. Исто така, се препорачува употреба на маски за персоналот.
Што се однесува до максималниот број на луѓе на свадби, тоа зависи од големината на просторот. Сепак, наведени се максимални броеви. До 15 јуни дозволени се 100 лица во затворен простор и 150 на отворено. Од 15 јуни, овие броеви се 200 и 250, и од 1 јули ќе биде дозволено 300 луѓе во затворен простор и 500 на отворено.
Општата препорака е на три квадратни метри во салата да има едно лице. Исто така, се препорачува евиденција на гостите за полесно следење во случај на појава на коронавирус.
Понатаму, напишани се подетални препораки за одржување на свадбените прослави.
„Кога ги канат гостите, организаторите и младенците ги известуваат гостите за важечките мерки и даваат упатства и информации. Се препорачува гостите на возраст над 65 години или кои страдаат од хронични заболувања да не се канат на свадбената прослава“, се вели во известувањето.
Исто така, се препорачува сите места да бидат обележани со имиња. Луѓето, како што е наведено во препораките, не треба да се групираат, туку треба да одат на нивното место веднаш по влегувањето во салата.
„Се препорачува прво да влезат гостите кои седат во најоддалечениот дел од салата од вратата. Се препорачува гостите од исто домаќинство да седат на иста маса. Исто така, се препорачува распоредот за седење да биде точно утврден и непроменет за време на свадбената прослава“, се наведува во препораката.
Што се однесува до музиката, се препорачува растојание од четири метри помеѓу публиката и изведувачите.
Исто така, пропишани се посебни упатства за подиумот за танцување.
„Бројот на луѓе кои можат да бидат на подиумот во исто време зависи од големината на подиумот и се препорачува да се обезбеди простор од четири квадратни метри по човек. За време на поинтензивен танц се препорачува одржување на физичко растојание од два метри, освен помеѓу членови на исто домаќинство или меѓу лица кои обично се во близок контакт“, пишуваат тие.