Српската влада објави нови епидемиолошки мерки и ограничувања, на денот кога бројот на новозаболени од коронавирус и бројот на хоспитализирани пациенти речиси се изедначени.
Денес, српските здравствени власти пријавија 7.802 новозаразени и 7.726 пациенти во болница, од кои 288 на апарати за дишење. Како резултат на инфекцијата, во последните 24 часа починале 61 лице.
Владата на Србија на денешната седница ги усвои последните препораки на Кризниот штаб, кои ќе стапат на сила во петок и подразбираат ново намалување на работното време на угостителските објекти.
Кафулињата, рестораните, баровите, ноќните клубови и сплавовите ќе бидат затворени од петок во 17 часот до понеделник во 5 часот наутро, без исклучок, а работното време од понеделник до петок ќе биде од 5 до 17 часот.
Испораката на храна ќе биде можна 24 часа на ден, додека трговските центри, продавниците за облека, обложувалниците, казината, игротеките, исто така ќе бидат затворени од петок во 17 часот до понеделник во 5 часот наутро.
Фризерските и салоните за убавина, салоните за нега, спортските сали, фитнес центрите, базените, бањите, балоните за фудбал, кошарка и тенис, како и просториите за кој било друг рекреативен спорт, нема да работат за време на викендот.
Продавниците за храна, малопродажните објекти и трафиките во кои не се влегува при купување, односно работат по шалтерски принцип, можат да бидат отворени за време на викендите, но само до 21 часот.
Покрај аптеките, исклучок за работење се и бензинските пумпи кои ќе работат нон-стоп, секој ден без ограничувања.
Рестораните и баровите во рамки на хотелите и приватно сместување можат да даваат услуги само и исклучиво на регистрирани и пријавени гости, до 21 часот секој ден.
Ординациите и лабораториите кои обезбедуваат медицински услуги ќе бидат отворени цел ден, вклучително и за време на викендите.
Српската влада наведе дека мерките се донесени со цел да се сведат социјалните контакти на апсолутен минимум, а спроведувањето на мерките ќе биде контролирано од инспекциите и полицијата.