Грчката влада доцна синоќа донесе одлука да им дозволи влез на српските туристи кои вчера цел ден беа заглавени на граничниот премин Кулата – Промахонас, меѓу Бугарија и Грција.
– После целодневни разговори со официјални лица од Грција, ме известија вечерва дека ќе почнат да ги пуштаат нашите граѓани преку бугарско-грчката граница – изјави доцна синоќа министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, за РТС.
Многу српски туристи го поминаа вчерашниот ден на границата меѓу Бугарија и Грција.
Конвој од пет автобуси со српски туристи требаше вчера да замине за Евија, Парга и Халкидики. На границата се формира и колона од автомобили долга 20 километри. Околу пладне беше објавено дека границата, се чини, нема да биде отворена.
– Грција мора да ги следи препораките на ЕУ за отворање на границите со трети земји. Ова важи и за патниците од Србија. Овие туристи ќе можат да влезат во земјите на ЕУ од 1 јули -изјавија српските туристички агенции.
– Дефинитивно, до 1 јули српските туристи нема да можат да влезат на територијата на Грција, сите сме изненадени и бараме трпеливост – рече вчера попладне Александар Сеничиќ, директор на Националната асоцијација ЈУТА.
Српските туристички агенции добија нови ценовници од грчките хотелиери минатата недела, а сместувањето во просек е од 20 до 40 проценти поевтино.