Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека е можно да се укине вонредната состојба во земјата кон крајот на следната недела и прогнозираше дека Србија ќе биде меѓу најуспешните во Европа во однос на економското закрепнување од кризата.
– Не ја исклучувам можноста вонредната состојба да биде укината уште следниот петок – рече Вучиќ во интервју за Радио-телевизија Србија.
Вонредната состојба во Србија беше воведена на 15 март поради епидемија на коронавирус.Вучиќ потсети на проценките на експертите дека неколку дена по ред треба да има тренд на опаѓање на процентот на заразени под пет проценти во однос на тестираниот број.
Во Србија, веќе втор ден по ред е околу четири проценти, рече тој.
Вучиќ рече дека потоа нема да има полициски час, а за мајските празници тој најави поблага забрана за движење од претходно препорачаниот карантин, што што требаше да трае од 30 април од 18 часот до 4 мај во 5 часот наутро. Предлогот за празниците е да започне полицискиот час во четврток од 18 часот и да трае до сабота во пет часот наутро, а движењето да се забрани од 18 до 5 наутро во сабота и недела, објасни Вучиќ.
Во однос на мерките за закрепнување на економијата на Србија, Вучиќ рече дека ако не беше криза, земјата во првиот квартал ќе имала раст од 6,2 проценти, но дека успешно го примила „ударот“ затоа што претходно го зајакнала својот финансиски систем со реформски мерки.
– Ние ќе излеземе од кризата многу подобро од некои земји во Европа, меѓу првите три земји во Европа со стапка на раст – рече Вучиќ.