На Србија во моментов не и е потребна задолжителна вакцинација, изјави денеска премиерката Ана Брнабиќ, коментирајќи го ставот на Европскиот суд за човекови права дека задолжителната вакцинација е неопходна во демократското општество.
– Засега, постои голем интерес и нема причина да размислуваме за воведување на задолжителна вакцинација. Имаме луѓе кои самите аплицираат за вакцинација – рече Брнабиќ, зборувајќи во контекст на вакцинирањето на населението од коронавирус, иако одлуката на Европскиот суд се однесуваше на вакцинацијата на децата во Чешка против детските заразни болести.
Во обид да се забрза кампањата за имунизација што е забавена и покрај набавените милиони дози на вакцини и воспоставениот систем за електронско пријавување и контрола, Србија од средата овозможи вакцинирање без претходна регистрација преку државниот е-систем.
Но, епидемиолошките податоци и од средата и од денеска покажуваат дека бројките во однос на ковид-19 не паѓаат онака како што се очекуваше со неодамнешното воведување на помалку строго затворање.
Во последните 24 часа, 41 лице починале како последица на ковид-19 во Србија, а ден претходно 42. Од 16.055 тестирани примероци, потврдени се нови 3.625 заразени, додека во средата беа регистриран 3.615 нови случаи.