Нов Зеланд од денеска преминува во црвено, највисоко ниво на тревога поради откривањето на 12 случаи на зараза со омикрон во земјата, соопшти премиерката Џасинда Ардерн на веб-страницата на Владата.
– Знаеме дека зараза со омикрон веќе се појави и на Северните и на Јужните Острови и оти се пријавени неколку инфекции на неколку места-рече Ардерн.
Ардерн истовремено потврди дека ја откажува венчавката со својот долгогодишен партнер Кларк Гејфорд, што требаше да се одржи во наредните недели.
-Јас не сум ништо поразлична од илјадници Новозеланѓани кои почувствуваа и поуништувачки последици на пандемијата, особено оние кои не можат да бидат со своите најблиски кога се тешко болни. Тоа надминува која било тага што јас ја имам искусено-изјави Ардерн.
Таа истакна дека најмалку двајца носители на новиот вид учествувале на масовни настани и најверојатно го пренеле вирусот на значителен број луѓе во земјата.
– Нашата стратегија е да го забавиме ширењето на сојот oмикрон и вклучува мерки како што се употреба на маски и ограничување на бројот на учесници на сите видови настани, што исто така ќе го намали товарот врз нашиот здравствен систем. Ќе продолжиме брзо да ги тестираме луѓето, да ги следиме нивните контакти и да ги изолираме-нагласи Ардерн.
Таа ги повика жителите на земјата што поскоро да примат бустер вакцина, доколку поминале најмалку четири месеци од примањето на втората доза од вакцината.
– Треба да ги искористиме следните недели пред значително да се прошири вирусот за да им помогнеме на што е можно повеќе луѓе да добијат бустер доза. Местата за вакцинација денеска се отворени низ целата земја и ќе го зголемиме капацитетот во текот на целата недела-рече Ардерн.