Според податоците на Националната здравствена комисија, во изминатите 24 часа во Пекинг се регистрирани девет заразени лица, од кои шест во населбата Фенгтаи
Градските власти на Пекинг од денеска воведоа нови мерки за сузбивање на епидемијата на ковид 19, бидејќи во главниот град на Кина постојано се појавуваат нови локални случаи на оваа болест, на помалку од две недели до почетокот на зимските олимписки игри.
Според податоците на Националната здравствена комисија, во изминатите 24 часа во Пекинг се регистрирани девет заразени лица, од кои шест во населбата Фенгтаи.
Локалните власти соопштија дека жителите на „ризичните области“, вклучително и Фенгтаи, биле замолени да не го напуштаат градот и да избегнуваат масовни собири.
Властите во Пекинг, исто така, побараа од локалното население да се тестира за ковид 19 во рок од 14 дена и откако ќе добијат каква било испорака од странство.
Властите претходно посочија дека првиот случај на омикрон сојот пристигнал во Пекинг преку пакет од Канада.
Од почетокот на пандемијата, во Кина се регистрирани 118.616 заразени лица, а починале 4.849 лица, покажуваат податоците на Универзитетот Џон Хопкинс. Досега се вакцинирани повеќе од 87 отсто од населението.