ЧУДНИТЕ СИМПТОМИ МОЖАТ ДА ОСТАНАТ И ПО ЗАКРЕПНУВАЊЕТО ОД КОВИД-19

Секој десетти заболен од коронавирус страда од замор, болки во мускулите и невролошки проблеми со недели откако се излечил од инфекцијата. Какви се долгорочните ефекти од вирусот врз телото?

Агентот за недвижности Александер Риш (26), чиј вистински идентитет е сокриен, уште не се чувствува добро иако официјално закрепна од ковид-19, пишува „Шпигел“.

Се почна со болки во грлото на 13 март, откако колега го донел новиот вирус враќајќи се од австрискиот зимски центар Ишгл. Недолго потоа, Риш бил позитивен на коронавирус.

– Прво помислив, добро, барем ќе го прележиш вирусот – вели Риш.

Неговите доктори исто така немале сомнеж. На млад и здрав човек како што е тој нема да му биде потребно долго време за да се ослободи од вирусот. Но неколку дена подоцна, тој се чувствувал толку лошо што се јавил кај докторот и поминал една недела во болница.

Официјално, Риш е излечен речиси три месеци. Тој има антитела против вирусот во крвта. А сепак, поминува низ епизоди во кои се чувствува многу болен. Досега, ниту еден од неговите доктори не успеал да даде објаснување за неговата состојба.

Покрај болките во грлото со различен интензитет кои доаѓаат периодично, неговите бели дробови уште се погодени. Симптомите почнале дури откако бил отпуштен од болница. Тој се соочува и со болки во мускулите, како и вртоглавици, осипи на кожата и замор.

Риш беше на 10-неделно боледување. Сега се врати на работа, но во одредени случаи ги откажува обврските кога се чувствува преморен.

– Досега ја прифатив болката – вели тој.

Половина година по избивањето на пандемијата лекарите забележуваат зголемен број на пациенти како што е Риш, кои официјално се излечени, но всушност, уште имаат проблеми со здравјето.

Отприлика секој десетти заболен од коронавирус продолжува да страда од необјасниви симптоми подолго од еден или два месеца. Најчестите симптоми се замор, главоболка, губење на чувството на мирис, потешкотии со дишењето, вртоглавица, дијареа и осип на кожата. Тешките оштетувања на белите дробови, срцето и на нервниот систем кај некои, исто така се причина за загриженост. Дел од пациентите страдаат и од проблеми со помнењето.

Уште е мистерија за експертите зошто симптомите се толку долготрајни дури и откако пациентите наводно закрепнале од болеста. Докторите се сомневаат дека тоа се должи на проблемите со имунолошкиот систем предизвикани од инфекцијата. Можно е и останување на вирусот во телото, по што тој напаѓа постојано.