Како што се зголемува бројот на заразени од коронавирус во Европа, кинески Вухан каде што изби заразата, гледа загрижувачки знаци за повторување на сличните грешки, објавува „Блумберг“.
Кардинална грешка е неадекватната заштита на здравстените работници што доведе до висока стапка на заразеност меѓу лекарите и медицинските сестри. Во Вухан, недоволното разбирање на болеста и недостигот на медицинска опрема во раната фаза на избивањето на заразата во јануари, доведе до заболување на илјадници здравствени работници додека се грижеа за пациентите. Најмалку 46 од нив починаа.
– Нашите европски колеги заболуваат од болеста во нивната дневна практика и пропорционалноста е слична како во претходната ситуација во Вухан – вели професор Ву Донг од универзитетската болница „Пекинг јунион“
Товарот врз здравствените работници претставува криза во големите западни земји каде што вирусот се шири. Од Италија до САД, државите се соочуваат со недостиг на заштитна опрема, како што се маски во болниците, додека растечкиот број на пациенти ги преоптоварува лекарите и медицинските сестри. Високозаразната природа на вирусот значи дека тој покажува знаци на пренос на невообичаени начини, како на пример, преку очите.
Епидемијата досега зарази повеќе од 170 илјади лица на глобално ниво, а усмрти повеќе од 7.000. Додека покажува знаци на стивнување во Кина, таа е во подем во Европа и во САД.
Тестирањето за вирусот стана барометар за компетентноста на светските влади и здравствени системи. Американската влада се соочува со јавно незадоволство поради бавното извршување на тестовите, додека Индонезија и Индија се цел на критики бидејќи не извршуваат доволно тестирања. Јужна Кореја која е втора според бројот на случаи во Азија, ја стави епидемијата под контрола преку тестирање на десетици илјади луѓе дневно.