Заштитата за лице е моќна алатка, но здравствените власти не можат едноставно да ги игнорираат причините поради кои некои луѓе одбиваат да ја носат
Поранешниот бејзбол играч Обри Хаф минатата недела објави на Твитер дека веќе нема да носи заштитна маска за лицето при влегување во затворен простор. „Противуставно е да бидат наметнати. Ајде да сториме оваа глупост да престане веднаш! Кој е со мене?“, кажа Хоф во видеоснимката која се рашири низ Интернет. Наредниот ден тој истакна дека неговите критичари се обиделе да го посрамат бидејќи „ги загрозува животите на милиони невини луѓе“ и инсистираше дека размислувал оти попрво би умрел од коронавирусот, отколку „да носи проклета маска“, пишува „Атлантик“.
Илјадници луѓе одговорија на видеото на Хаф. Многумина го нарекоа срамота за непочитувањето на неговата заедница и занемарувањето на општествената должност, како и за доведувањето на другите во ризик. Гневот кон противниците на маските е разбирлив и нивното посрамување е моментна реакција. Но, оние што му одговорија на Хаф не сторија ништо за да го убедат да носи маска.
– Пораките на здравствените власти во врска со маските за време на пандемијата беа нејасни и збунувачки. Федералната влада препорача прекривање на лицето во март, додека одредени здравствени работници во САД сугерираа оти од таквата практика може да има повеќе штета отколку корист. Но, доказите оти луѓето можат да го пренесуваат вирусот и кога немаат симптоми покажуваат дека маските се важно средство за спречување на ширењето на коронавирусот, особено во комбинација со социјалното дистанцирање и личната хигиена. Загриженоста за здравјето може да го оправда носењето маска во затворен простор каде што има повеќе луѓе, но нивното наметнување може да има спротивен ефект во САД, каде што дел од луѓето веруваат дека носењето на маска ги загрозува граѓанските слободи. Во пракса, за Американците да носат маски, власта ќе треба да им се умилкува, а не да ги принудува – се вели во анализата на „Атлантик“.
Но ова нема да биде лесно. Кога претседателот им се потсмева на оние што носат маски како изгледаат слабо и ја гледа заштитната опрема за лицето како политички став против него, не е изненадување што многумина Американци одбиваат да ги носат. Многумина Американци, дури и оние што се противат на маските, искрено сакаат нивната заедница да биде безбедна и препознаваат оти маските го намалуваат ризикот од пренос на заразата, а сепак, не ги ставаат на лицето.