Покрај тоа што е исклучен од СЗО, Тајван во голема мера успеа да го спречи ширењето на коронавирусот. Иако се соочува со втор бран на инфекции, Тајван им помага на останатите земји и индиректно го наметнува своето влијание
Автор: Ник Аспинвол
Форин полиси
Тајван доби пофалби поради одговорот на пандемијата од коронавирусот. Додека светот ги затвори границите и воведе карантини за борба против епидемијата, лидерите бараат да го следат моделот на Тајпеј, а сè почесто и неговата помош.
На 19 март, Тајван ги затвори границите за странски државјани за време на вториот бран на увезени случаи од патници кои се враќаа дома. Островото има регистрирано 379 случаи на ковид-19, бројка која релативно остана ниска поради низата на агресивни мерки за ограничување на движењето, карантинот и следењето со кои се ограничи локалната трансмисија на вирусот.
Тајван, кој не е дел од Светската здравствена организација (СЗО), одлучи да ги прегледува сите патници кои пристигуваа од Вухан почнувајќи од 31 декември, истиот ден кога се дозна за дотогаш непознатиот вирус во кинескиот град. Неколку дена подоцна, СЗО прва предупреди дека вирусот се шири преку директен човечки контакт, изјава која беше игнорирана. Вкупно 23 милиони тајвански жители ги презедоа сите мерки на претпазливост, но немаше никаква паника и беа уверени во централизираните и постојани информации од државниот Центар за епидемиска контрола, воведен веднаш како одговор на вирусот, а државите како Нов Зеланд и Израел порачаа дека ќе ги искористат тајванските мерки.
Останатиот дел од светот не беше проактивен како Тајван во подготовките за епидемијата. САД и Европа се борат да ја стават пандемијата под контрола додека во светот бројката надмина 1,4 милиони случаи. Филипините, јужниот сосед на Тајван, закрепнуваат од епидемијата во Манила каде што болниците беа преполни, провинциите беа изложени на ризик, а населението во паника. Другите јужни и југоисточни азиски држави се борат да го стават вирусот под контрола. За овие држави е доцна да се спроведе тајванскиот модел, а сега мора масовно да го тестираат населението и да се грижат за пациентите.
Но не е доцна за Тајван да помогне. Минатиот месец, претседателката Цаи Инг-вен објави на Твитер дека Тајван „е подготвен да придонесе со неговите капацитети за да подобро да го заштити човечкото здравје во светот“. На 1 април, Тајван соопшти дека ќе им донира 10 милиони маски на САД, на 11 европски држави и дипломатски сојузници. Министерството за надворешни работи на Тајван порача во четвртокот дека втората серија од шест милиони маски ќе им биде донирана на држави во Азија, Европа и Северна и Јужна Америка.
– Тајван со неговите ресурси може да им помогне на овие земји – порача Ванг Тинг-ју, претставник на тајванската демократска прогресивна партија.
Ванг, кој е на чело на законодавниот комитет за надворешни работи, е еден од најгласните поборници за хаштагот #Тајванможедапомогне (#TaiwanCanHelp). Првично се користеше во кампањата за да му се дозволи на Тајван влез во меѓународните организации (меѓу кои и СЗО) кои постојано се трудат да го исклучат на барање на Пекинг, а фразата честопати се користи заедно со приказните за тајванските успеси во борбата против коронавирусот. Додека Тајван посветено прво го заштитува своето население и се бори да даде помош таму каде што е потребна, експертите стравуваат дека ќе следува втор ек поради големиот број на граѓани кои се вратија во Тајван во изминатиот месец.
Минатиот месец, Тајпеј склучи билатерален договор со американското дипломатско претставништво во Тајван за да може да испрати маски во САД. Тајван исто така им помага на други земји со логистика и операции, распределба на производство и ресурси, како и користење на информации за следење на можни заразени поединци и нивно контактирање за да се спречи понатамошно ширење, изјави истражувачот за здравствена политика од Стенфорд, С. Џејсон Ванг, кој е коавтор на скоро објавената статија во списанието на американската медицинската асоцијација. Статијата вклучува листа на 124 мерки кои Тајван ги презеде за борба против епидемијата, кои други земји можат да ги спроведат, меѓу кои и скрининг на аеродромите и воведување на задолжителен 14-дневен карантин.
Тајван произведува 10 милиони маски дневно, масовно ја следи состојбата и има регистрирано само еден смртен случај и покрај тоа што е географски близу до жариштето.
– Тајван го користеше јазикот и терминологијата на војувањето. Со таков менталитет следеше и екстремна политика – порача Чунхуеј Чи, професор на факултетот за јавно здравство и хуманистички науки при државниот универзитет во Орегон.
Светските лидери ја сфаќаат нивната корист. Израел минатиот месец соопшти дека ќе го искористи тајванскиот модел за следење на можни нови пациенти. Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, исто така изјави дека нејзината држава „ќе го примени речиси идентично тајванскиот модел“. Латинска Америка „сè уште има време да започне рано планирање и рано распоредување“, мислејќи директно да се применат дел од првичните тајвански превентивни мерки, додека африканските држави веројатно имаат малку регистрирани случаи поради неможноста за тестирање. Без оглед на околностите, сега е најдобро време да се разговара, вели Чи.
На научната академија, која е најистакнатата истражувачка институција во Тајван, истражувачите од Центарот за геномика соопштија на 9 март дека успешно ги тестирале антителата на новиот коронавирус, кои можат да се користат во производството на тестови кои го откриваат вирусот само за 20 минути. На 2 април, тајванскиот Национален институт за истражувачко здравство порача дека развил брзи тестови што даваат резултати за 10 до 15 минути и веќе оваа недела се договара со производителите да започне пробно производство. Успешното масовно производство на вакви тестови ќе направи пресврт додека светот се бори да дојде до што повеќе тестови, особено оние што даваат брзи резултати.
Тајван во моментов не може да испраќа најнеопходни медицински материјали, вклучувајќи ја опремата за лична заштита, поради забраната за извоз за да се зачуваат домашните резерви, а веќе е оптоварено локалното производство.
Тајванските лидери и здравствени професионалци долги години силно негодуваат на тоа што се исклучени од СЗО. Тајван, кој се наоѓа на листата со други земји со ист третман, продолжува со заложбите да биде вклучена во организацијата, но како што повеќе експерти вела, нема повеќе време за чекање. Додека Тајван се соочува со тешкотии формално да стапи во комуникација со националните влади, земјата отсекогаш целела на поврзаност преку невладиниот сектор како тајванскиот Фонд за деца и семејства кој обезбедуваше храна за сиромашните деца во Манила пред воведувањето на карантинот, како и странските деловни групи кои донираат маски во филипинските болници.
Додека земјите во светот се борат со пандемијата, Тајван има уште еден ас во ракавот, а тоа е довербата. Ванг, претставникот од демократско-прогресивната партија, се надева дека транспарентноста на Тајван ќе ги охрабри другите земји да побараат помош од Тајпеј.
– Пред многу години загубивме 17 животи. Сега знаеме како да се справиме во ваква криза – порача тој сеќавајќи се на епидемијата на САРС.
Чи смета дека успехот на Тајван во справувањето со ковид-19 е позитивен пример, и покрај неговото исклучување од СЗО.
– Тајван не треба да биде дел од СЗО и треба да му покаже на светот дека одлично функционира. Тајван има силен углед сега и е одлично време да помогне – порача тој.
Превод: Билјана Здравковска