Имам инспирација за пишување, и доволна самоизолација
Во природата на мојата професија е да имам периоди на самоизолација, без оглед на сегашната вонредна короновирус-ситуација. Кога пишувам, јас морам да се осамам.
Но и меѓу писателите, нормално, постојат различни карактери. Јас сум од оние што ги сакаат дружењето, кафе-муабетите, разговорите… Инспиративно за пишувањето, а и за доброто расположение, ми доаѓаат непосредните средби и приказните.
Сега не ми е дозволено да се ракувам, „да се внесувам во лице“, по секое излегување надвор постојано ме предупредуваат долго да ги мијам рацете, да го луфтирам мантилот на тераса, да ги дезинфицирам чевлите. Можам да шетам, а времето деновиве е преубаво за таа активност. Понекогаш шетајќи, ќе сретнам некој познат. Се поздравуваме и разговараме на дистанца, од 2 метри и повеќе, и така си разменуваме по неколку реченици и некоја досетка. И потоа, заминуваме секој по својата осаменичка шетачка патека.
Од друга страна, што се однесува до лектирата, повторно ги читам „Декамерон“ и „Чума“, можеби ќе ме инспирираат, во оваа короновирусна агресија, за некој нов есеј.
Значи, имам инспирација за пишување. И доволна самоизолација.
Александар Прокопиев, писател