Претседателката на Тајван Цаи Инг-вен го сподели искуството на нејзината земја во борбата со коронавирусот во колумна за магазинот „Тајм“. Таа се осврна на преземените мерки за кои Тајван доби пофалби за справувањето со заразната болест, како и на напорите потребни од светската заедница. Во продолжение ви ја пренесуваме колумната.
Тајван е остров на издржливостa. Вековните маки го принудија нашето општество на справување, прилагодување и опстанок низ тешки околности. Најдовме начини да издржиме во тешки времиња, заедно, како нација, а пандемијата на ковид-19 не е исклучок. И покрај високозаразната природа на вирусот, и нашата близина до изворот, ние спречивме големо ширење. На 14 април ние имавме помалку од 400 случаи.
Успехот не е случајност. Комбинација од напори од медицински професионалци, владата, приватниот сектор и општеството во целина ја вооружија одбраната на државата. Болните лекции од избивањето на САРС во 2003 година, што го остави Тајван во страв со загубата на десетици животи, ги ставија на штрек во рана фаза нашата влада и народ. Минатиот декември, кога се појавија индикации за новата заразна респираторна болест во Кина, почнавме мониторинг на патниците што доаѓаат од Вухан. Во јануари го формиравме Централниот епидемиолошки команден центар задолжен за превентивните мерки. Воведовме рестрикции за патување и протоколи за карантин за високоризичните патници.
По откривањето на првиот случај во Тајван на 21 јануари, преземавме ригорозни истражувачки напори за да ги осознаеме контактите и податоците за патувањата на секој пациент, со цел за изолација и спречување на ширењето пред да се случи масовно избивање на заразата. Згора, покрај дополнителните беспоштедни напори на здравствените работници, предводени од министерот за здравство Чен Ших-чунг, нашите информирани граѓани ја одработија нивната улога. Приватните бизниси и станбените комплекси покренаа чекори за мерење на телесната температура и дезинфекција кои им помогнаа на владините напори на јавните површини.
За да се спречи паничното масовно купување во раната фаза, владата ја надгледуваше зголемената потрошувачка и го презема производството и дистрибуцијата на медицински маски. Преку соработката со приватните производствени и компании за снабдување на медицински залихи, министерството за економски прашања координираше со дополнителните линии за производство на хируршки маски, зголемувајќи го производствениот капацитет. Поддржани од технолошките експерти, аптеките и продавниците, ние осмисливме систем за дистрибуција на маските. Тука маските се на располагање и по достапни цени на болниците и на јавноста. Заедничките напори на владата и приватните компании го создадоа партнерство кое го нарековме „Тим Тајван“, а кое ни овозможи и да донираме залихи на сериозно погодените држави.
Тајван има еден од најдобрите светски здравствени системи, силни капацитети за истражување и транспарентни информации кои активно ги споделуваме со јавноста и со меѓународните институции. Тајван ефективно го менаџираше спречувањето на коронавирусот во нашите граници. А сепак, на глобално ниво, хуманитарната катастрофа од ковид-19 бара заеднички напори од сите држави. И покрај тоа што Тајван неправедно е исклучен од Светската здравствена организација и од Обединетите нации, ние остануваме со волја и способни да ги искористиме нашите сили во производството, медицината и технологијата, за соработка со светот.
Глобалната криза ја тестира ткаенината на меѓународната заедница, истекнувајќи не и заканувајќи се да не растргне. Сега, повеќе од кога било, мора да се смета на секоја алка на глобалната мрежа. Мораме да ги ставиме настрана нашите разлики и да работиме заедно за добробит на човештвото. Борбата против ковид-19 ќе бара колективни напори од луѓето ширум светот.
На Тајван не му се непознати маките, а нашата издржливост потекнува од волјата за обединување со цел за надминување на најтешките пречки. Се надевам дека ова, пред се, Тајван може да го сподели со светот – човечкиот капацитет за надминување на предизвиците е безграничен. Тајван може да помогне.