Никола Ивица, докторанд на најпрестижната светска лабораторија на бостонскиот институт за технологија „Масачусетс“, каде што се занимава со истражувања на метаболизмот и имуноонкологијата, со потекло од Панчево, Србија, деновиве е еден од најбараните соговорници во медиумите на нашиот северен сосед. Неговите ставови за коронавирусот и начините за справување со пандемијата се интересни и заслужуваат внимание
Пред 17 години, Никола Ивица го напушта родното Панчево и заминува во САД, каде што завршува средно образование, што му ја отвора вратата на „Харвард“, каде што дипломира на хемиско-физичка биологија. Моментално е докторанд на бостонскиот институт за технологија „Масачусетс“, каде што во најпрестижната светска лабораторија се занимава со истражувања на метаболизмот и имуноонкологијата. Неговите ставови и експертско мислење се силен ветер во едрата на коработ натоварен со светската популација, кој се бори да излезе од бранувањата и премрежето предизвикани од коронавирусот низ океанот проблеми и предизвици.
– Мислам дека ние мора да учиме од Италија, бидејќи тоа се слични случаи. Во Италија во еден период имало многу инфицирани луѓе што се движеле во јавноста, луѓе што не знаеле дека се инфицирани, луѓе што поминуваа низ аеродромите итн. Вирусот ќе инфицира 10, тие 10 инфицираат понатаму. Но да објаснам. Најголемиот број инфицирани се асимптоматични. Немаат никакви симптоми, не знаат дека се инфицирани. Јас би можел да бидам, ти би можел. Ако поминеш помеѓу луѓе, ако си во контакт, буквално дишеш покрај нив, тие се сите заразени. Но од нив, само околу 20 отсто бараат медицинска нега. Е сега, за две недели, сите овие луѓе што денес биле заразени, кои можеби утре ќе се заразат, еден дел од нив за две-три недели ќе бидат болни. Мислам, треба да се каже дека моментално вирусот циркулира. Затоа е многу важно да се запре со комуникација (физичка близина), луѓето да останат во домовите. Ако сум добро информиран, Словенците ги тестираат сите што влегуваат од Италија. Исто така е во Америка, се тестираат само луѓето со симптоми.
Тоа е поради недостиг од тестови?
-Да, така е. Тоа го видовме во Кина и во Италија, кога брзо доаѓа до недостиг од тестови. И потоа дијагнозите се прават врз основа на симптомите.
Кои мерки можат да ги преземаат луѓето секојдневно, покрај карантинот, за да се заштитат?
– Површините да се дезинфицираат со 70 отсто алкохол. Но ако ти во грлото имаш 100 милиони ковидвирус, тоа е веројатно примарен начин на комуникација т.е. трансмисија на вирусот. Ние и да избришеме сѐ со 70 отсто алкохол, ако не се изолираме, не сме направиле ништо.
Кога заразените лица би излегле надвор, каков би бил патот на вирусот – преку воздух, кожа…
– Никој не го знае тоа. Мислам дека е доволно да дишеш во кругот на луѓето и тие ќе бидат заразени.
Како ги коментирате наодите што секојпат се јавуваат кога се во прашање вакви големи пандемии, па дури и вариола вера кога беше во 1972 година. Веднаш се зборуваше дека е биолошка војна, намерно направено, лабораториски експеримент.
– Има неколку начини да докажете од каде потекнал вирусот. Треба да се знае дека не постои лабораторија на овој свет што може да произведе ваков вирус. Тоа се глупости. Не е шега. Во Италија е 4 отсто смртност од вкупниот број заразени. Многу малку звучи ова 4 отсто, но кога ќе го примениш тој број на вкупното население, тоа се десетици илјади луѓе во ризик, а богами има смртност и помеѓу младите, плус многу луѓе завршуваат на респиратори. Тоа што е страшно е дека во Кина од оние што завршија на респиратори, тоа беа критични пациенти, голем процент умреа. Затоа, треба да има апсолутен карантин. Ова е пандемија што се случува еднаш во 100 години. Не гледам причина луѓето да не бидат уплашени, па и малку панични. Ако паниката е причина да се изолираме во своите станови, мислам дека паниката е одличен начин да се почне. Крајот ќе биде кога сите ќе бидат тестирани, потврдено дека сме негативни и надвор од шанси за повторно заразување. А за тоа се потребни неколку месеци.
Луѓето упорно тврдат дека опасноста од овој вирус се пренагласува, дека има помала смртност од карциномот, леукемијата и други заболувања.
– Овој е еден од најзаразните вируси. Со него никогаш не сме имале работа. Кога Италија секојдневно испраќа толку драматични пораки, кога се забранети летовите од Америка за Европа, кога се укинати сите спортски натпревари, дали сега сите ние сме будали или ова навистина е опасно?!
Да се забави ширењето на заразата за да издржат медицинските капацитети
Најпрво мора да се потисне ширењето на заразата до ниво што ви дозволува да не ви колабира медицинскиот систем. Она што е голем проблем е дека ние не знаеме колку има заразени. Ако ви е потребно за еден пациент четири часа да констатирате дека е заразен, тоа би траело илјада години. Ако сите тие пациенти ги извадиш, а понатаму имаш заразени, ги пушташ на пример на работа, имаш нов бран, тие и понатаму ќе заразуваат. Ќе имаме нов бран на епидемија. А тестот е едноставен. Се користи во лабораториите низ целиот свет, дури и студент по микробиологија може да го направи тој тест. Тоа не е проблем. Но мора да се направи робот што го прави тој тест, тој се нарекува „масив паралел веј“, мора да направиме илјадници примероци во краток рок за да покриеме стотици милиони луѓе, односно за да се тестираат сите. Мислам дека вчера е одобрена машина „роша“, тоа е една компанија во Базел што може да изработи 980 теста за 8 часа. Тие масовно ќе почнат со производство. Во Америка се размислува во наредниов месец дека ќе имаме милион и пол теста месечно, исто така и во Европа.
Италијанците не ја сфатија сериозно состојбата, да направиме различно од нив
Повеќето луѓе чувствуваат замор, меѓутоа не знаат дали заморот е од работа, или си уморен, или од инфекцијата од САРС. Нормално излегуваш, одиш на забава, дишеш наоколу, заразуваш уште десетмина најмалку. И тоа е тоа. Така се случи во Италија. Италијанците не ја сфатија сериозно состојбата, за разлика од државите во Азија, кои имаа искуство со САРС. Зборувам за Сингапур, Виетнам, Тајван. Тие беа херметички затворени, знаат што значи епидемија на САРС. Ние зборуваме за јануари, Италијанците кон крајот на февруари ги тестираа позитивните, значи тој вирус циркулирал во Италија еден месец.