Дали победуваме во војната против ковид-19? Сè уште немаме одговор на ова прашање поради екот на пандемијата

Автор: Дерек Томпсон

Атлантик

Ова е војна. Ова е јасната порака од владите во светот кои своето население го ставија под карантин и порачаа да се затворат сите бизниси. Корпорациите се соочуваат со нова реалност, со тоа што мораат да ги пренаменат нивните капацитети, да произведуваат респираторни машини, маски и средства за дезинфекција на раце во борбата против коронавирусот. Се работи за борба на познатите и легии на помалку славни личности, кои апелираат до нивните сограѓани да го жртвуваат својот социјален живот за општото добро.

Многумина ќе сакаат да знаат како ќе се одвива војната во наредните неколку недели. Дали инфекциите сè уште експоненцијално ќе растат или ќе ја намалуваме кривата? Дали економијата се движи кон нов пад или ќе можеме брзо да ја закрепнеме? Накратко, дали победуваме?

Разочарувачкиот одговор е што не знаеме и можеби така ќе биде некое време.

Многумина од нас имаат слушнато за фразата „магла на војната“ која ја исковал прускиот воен теоретичар од 19-тиот век Карл фон Клаузевиц. Се однесува на идејата дека војната честопати се води низ маглата на неизвесност, односно војските не се целосно запознаени со заканата на нивниот непријател или сопствениот капацитет за борба.

Сега се минуваме низ маглата на пандемијата. Властите кои го следат ковид-19 изобилуваат со статистики: стапки на инфекција, соодноси на смртност во случаите и економски податоци. Но во раните фази на борбата против коронавирусот, овие бројки сами по себе имаат ограничувања. Ние веќе гледаме како во маглата од збунувачки податоци политичките лидери сакаат да ја наметнат таа неизвесност за да го засенат советот на експертите за јавно здравје. Претседателот Доналд Трамп сака да искористи сè што може да му ги оправда неговите напори повторно да го отвори јавниот живот во средината на Април веројатно додека сè уште дневно ќе се зголемуваат случаите.

За подобро да се согледа оптимистичката пропаганда и бескорисниот песимизам, важно е да ги препознаеме ограничувањата на податоците со кои располагаме.

Да започнеме со здравствените статистики. Краток увид во достапните податоци во Америка ќе покаже дека стапката на инфекција од коронавирус страшно расте. Во САД, бројот на вкупни потврдени случаи двојно се зголемува на секои три дена, што е побрзо од Италија, Франција или Обединетото Кралство.

Мораме да бидеме внимателни во донесувањето на цврсти заклучоци од оваа статистика. Потврдените случаи се всушност потврдени тестови. По трагичната бавна реакција на почетокот, американските тестирачки капацитети се двојно зголемени во изминатава недела. Дали САД се соочуваат драстичен пораст на случаите од коронавирус, брз пораст на тестирањата за коронавирус, или можеби двете? Одговорот веќе ви е познат, а тоа е дека не знаеме и треба да чекаме.

Друга метрика за мерење на размерот на епидемијата, како што е хоспитализацијата и смртноста, има свои ограничувања. Не сите држави ги пријавуваат хоспитализираните случаи, а кога болниците ќе се преполнат, дополнителните случаи нема да влезат во официјалните бројки. Статистиката на смртност исто така се изведува со дијагностицирање на случај по случај и методологијата на причина за смртност. Многу смртни случаи што се последица на ковид-19 можеби биле погрешно дијагностицирани, а ќе бидат и во иднина, како резултат на пневмонија или друга респираторна болест.

Во време на зголемено тестирање, состојбата од епидемијата ќе биде во фокусот на вниманието. Но лидерите треба да бидат смирени, а граѓаните трпеливи затоа што ниедна посебна метрика не може да биде 100 отсто прецизна. Дури и ако се земат предвид повеќе здравствени статистики, во најдобар случај нема да дадат јасна слика за размерот на кризата.

Економскиот фронт подеднакво е во магла. Предвидувањата меѓу инвестициските банки за промената на БДП во вториот квартал се движат од пад од 12 отсто (Банка на Америка) до пад од 30 отсто („Морган Стенли“). Ова не е знак дека економистите имале добро информирана дебата, туку е знак дека не знаат што се случува.

Како би било инаку? Ваквата ненадејна рецесија досега не се случила во американската историја. Нашите економски алатки немаат капацитет брзо и прецизно да го измерат ваквиот неочекуван пад.

– Големото прашање што се поставува е „кога ќе имаме повеќе информации?“, а одговор е „зависи“. Од финансиски аспект, веднаш ќе забележиме, ако се наѕира катастрофа, затоа што ќе се случи пад на кредитниот пазар. Од деловен аспект, ќе забележиме сигнали, како број на банкроти во следните неколку месеци. Од аспекти на потрошувачката, воопшто нема да имаме јасна слика додека не се победи вирусот – вели Џастин Вулферс, економист од универзитетот во Мичиген.

Всушност, Бирото за економска анализа до јули нема да ги објави првите процени за вториот квартал од растот на БДП, кој вклучува процени за потрошувачки трошоци.

САД водат војна со екстремната неизвесност. Можеби во прашање недели се пред да знаеме дали ја намалуваме кривата на коронавирусот, а месеци пред да знаеме каква ќе биде економијата во втората половина од годината.

Превод: Билјана Здравковска