Британскиот производител на лекови „АстраЗенека“ со години се подготвуваше за ситуација каква што е ковид-пандемијата. Но, компанијата се соочи со потешкотии на кои не се надеваше. Нејзините работници не можеле да се фокусираат на работата поради обврските за чување на нивните деца, пренесува „Ројтерс“.
Карантинот се покажал како потешкотија за родителите кои работат на изнаоѓање на вакцина за ковид-19, бидејќи морале да посветат внимание на своите деца, кои овојпат поради социјалното дистанцирање, не можеле да ги остават на чување.
Поради тоа, компанијата најмила 80 онлајн-наставници, а морала и да редизајнира мобилна апликација со цел да ја намени за држење онлајн часови. Исто така, тие организираа упатства и помогнаа да се лоцираат места за згрижување на децата од оние родители кои се борат да се прилагодат на наглите промени поради пандемијата.
Од часовите за правење трикови па сѐ до часови по јога за деца, пандемијата покажа колку одредени компании се способни и подготвени да им помогнат на нивните вработени.
– Беше очигледно дека ќе биде предизвик за родителите, посебно за оние семејства во кои и двајцата родители работат. Одредени родители станаа навистина возменирени бидејќи не можеа да се фокусираат на нивните работни обврски – изјави Фиона Цикони, шеф за човечките ресурси на „АстраЗенека“.
Според експертите, новиот начин на работа од дома може да помогне да се доведе до поголема продуктивност и лојалност на вработените и да се олеснат чекорите кон пофлексибилно работење. Исто така, компаниите се прашуваат дали персоналот треба да се наоѓа и постојано да работи во канцеларијата.
Пандемијата доведе до многу исцрпени родители кои секојдневно се борат со обврските на нивната работа, додека дома им помагаат на своите деца во училишните обврски и се трудат да им помогнат да не заостануваат со учењето, притоа готвејќи храна, грижејќи се за нив и спречувајќи ги да поминуваат премногу време на Интернет.
Одредени компании понудија различни курсеви и занимации за децата, како на пример магични трикови, кодирање, јога, свирење гитара, како и брејкденс.
– Часовите за магија помогнаа на мојот осумгодишен син, но ми помогнаа и мене. Можев да се фокусирам на мојот тим. Обично тој се вртка наоколу и гледа во мојот монитор додека работам, а тоа ме дефокусира – изјави Томас Ангерстин.
„АстраЗенека“ знаеше дека мора да преземе нешто кога истражувањето покажало дека на 1.100 од нивните 8.300 вработени им е потребна помош околу грижата за нивните деца.
Планот за регрутирање хонорарни наставници бил инспириран од поранешен наставник, кој работел во одделот за човечки ресурси на компанијата и бил поддржан од извршниот директор Паскал Сориот, а целиот процес за помош бил потпишан за само неколку часа. Од почетокот на мај, „АстраЗенека“ нуди четири предавања на ден за 1.300 деца кои се регистрирани.
Фирмата која ги нуди часовите, „Еј-би еџукејшн“, била замолена да ги понуди истите услуги и на вработени во друга фирма во Кембриџ.
– Работниците на „АстраЗенека“ им рекле, нашата компанија ги има тие услови, зошто вашата не го стори тоа, па така тие нѐ побараа – изјави Карен МекГиликуди од „Еј-би Еџукејшн“.
Засега „АстраЗенека“, која има лиценца за производство на потенцијална вакцина за ковид-19, добива поширока поддршка. Тие воведоа нови часови за различни возрасни групи, а разгледуваат и опција за летно училиште. Цикони вели дека вработените се благодарни и презадоволни.