Социјалното дистанцирање во Америка би можело да трае до 2022 година, тврдат научниците од универзитетот Харвард.
Тие веруваат дека карантинот ќе треба делумно да продолжи, освен ако наскоро не се развие вакцина против коронавирусот, или барем додека не се утврди дека луѓето кои заздравеле од оваа болест развиле имунитет. Засега нема докази.
– Социјалното дистанцирање ќе мора да трае доколку не се зголеми болничкиот капацитет или не се изнајде вакцина. Дури и ако бројот на пациенти е драстично намален, укинувањето на рестрикциите би овозможило коронавирусот да се врати со голема брзина. Оддалечувањето е најсилното оружје против овој вирус и е потребно, па ќе треба да биде во функција уште неколку години – тврди научник од универзитетот.
Тој додаде дека се работи на развојот на тестирање на имунитетот против вирусот и колку трае тој, за да може на граѓаните кои развиле имунитет да им биде укинат карантинот. Ова, пак, ќе доведе до голем социјален проблем затоа што оние што немаат имунитет би се чувствувале како граѓани од втор ред и ќе мора да останат дома.
Во САД, повеќе од 610.000 се заразени, а речиси 26.000 лица починале.