Италијанските свештеници согледаа дека социјалните мрежи можат да бидат „инструмент за молитва“, но другите држави не го следат нивниот пример
Свештеникот од венециското одморалиште Бибионе, Андреа Вена, мораше да смисли поинаков начин за да контактира со верниците, откако карантинот во Италија ги принуди црквите да го запрат служењето миса, пишува „Политико“.
Затоа ја стави статуата на Мадона во неговото мини-комбе, зема мегафон и почна турнеја низ улиците на градот, благословувајќи ги луѓето од неговото возило.
– Луѓето се исплашени и загрижени. Ако не можат да дојдат во црква тогаш јас треба да одам кај нив. Тие излегоа на терасите и гледаа низ прозорците, плачејќи кога ја видоа Мадона – кажа свештеникот.
Верските заедници низ Европа се измачувани од прашањето како да се поврзат со своите верници без да ги доведат во ризик од заболување од коронавирусот. Некои одлучија да ги прекинат богослужбите самоволно, а други се принудени од владините мерки. Во Словачка, како и во Италија верските прослави се забранети. Во Литванија дел од црквите престанаа да ја користат светата вода. Белгиските католички цркви и синагоги ги прекинаа јавните служби, а големата џамија во Брисел ги затвори вратите. Турција ги прекина јавните служби во сите 90 илјади џамии. Папата Франциск завчера објави дека велигденските богослужби ќе се одржат без присуство на верниците.
– Откритието на интернетот како место за молитва, на кое се создадени толку многу верски прослави, е неверојатно и убаво – истакна Антонио Спадаро, советникот на папата Франциск.
Во најпогодената европска држава, парохиите стануваат креативни и ја осознаваат вредноста на социјалните мрежи за ширење на пораките. Папата Франциск ја почна ваквата практика во неделата преку стримување (интернет-пренос) на молитвата и утринската миса од неговиот дом. Свештеникот Дон Франциско од Рим, пак, отвори група на апликацијата „Вотсап“ за да може да комуницира со верниците.
Спадаро истакна дека дел од верниците ги користат социјалните мрежи и за да се пожалат поради неодржувањето на мисите, додавајќи дека, сепак, „повеќето разбираат оти е подобро да не се изложуваат на ризик“.
Од друга страна се води расправа дали црквите треба да останат отворени за приватна, лична молитва. Постои збунетост и околу прашањето дали свештените лица треба да ги посетуваат заболените. Свештениците не сакаат да ги изложат постарите на ризик, додека италијанските старечки домови се затворени за посети. За верниците веројатно најболна е забраната за религиски служби поврзани со венчавките, крштевките и погребите.
Сепак, сите не го следат примерот на Италија. Црквите во Полска ќе продолжат да служат миса во недела, и пкрај тоа што се откажани сите собири, а затворени се и училиштата. Во петокот полската влада ги забрани сите собири, вклучувајќи ги и верските, со повеќе од 50 луѓе. Но ова не ја обесхрабри црквата која соопшти дека ќе се придржува до ограничување на бројот на верници на службите.