Бев во карантин во Пекинг и во Вашингтон за време на пандемијата. Искуствата и не се толку различни како што би помислиле
Во овие несигурни времиња луѓето сметаат дека Кина и Вашингтон се значително различни. Нивните општества и истории се толку спротивни што многумина од нас веројатно помислиле дека Пекинг прави работи што се незамисливи за Западот, кога зборуваме за пандемијата на коронавирус, пишува Мелинда Лиу за „Форин полиси“.
А сепак, откако поминав низ самоизолација во двете држави, и јас бев изненадена од парадоксалните сличности. Мојот сопруг и јас бевме во карантин, секој по 14 дена, во главните градови на двете најмоќни светски држави, во Пекинг и во Вашингтон. Сега кога излегуваме од изолација, нестрпливи да се приклучиме на општеството (или барем да јадеме нешто чија основа не се конзервирани домати) дознаваме дека сите се обидуваат да влезат во изолација, од која ние тукушто излеговме.
Ова е приказна за два карантина. И покрај тоа што автократните Кинези се разликуваат од американските политичари, значителен дел од истата динамика која се одвива во Вашингтон беше забележана и во Пекинг.
Бирократи кои ја префрлаат вината, доброволци кои инспирираат, владините гласници и наративите од лична корист, ксенофобијата што демнее. Сето тоа го видовме двапати. Единствената разлика е во временскиот период од шест недели, пред САД да влезе во циклусот што сега доаѓа до неговиот крај во Кина.
Неверојатно е повторување на истиот круг. Овојпат кинескиот Вухан се враќа во нормала, гледајќи го хаосот предизвикан од коронавирусот во странство. Сега Европа го зазема местото на Кина како епицентар на инфекцијата на коронавирус. А САД одат кон најлошото, нервозно гледајќи ја стапката на смртност во Италија. Денеска Пекинг и останатите азиски влади итаат да ги спречат „увезените“ случаи од предизвикување на нов бран на зараза.
Во меѓувреме се сменија улогите помеѓу Кина и Западот и во економскиот сектор. Кина се враќа на работа. А тоа што кинески експерт ја учи Европа како најдобро да се бори против коронавирусот е изненадувачки пресврт, со оглед на критиките од Западот за напорите на Пекинг за справување со епидемијата, пред околу еден месец.
Сега, и мене како и повеќето луѓе во Вашингтон, се чини дека не очекува квазикарантин сличен на оној што го искусив во Пекинг, со маските за лице и „големиот брат“, заедно со празните улици и затворените ресторани.
Уште не се знае колку долго ќе бидам тука. Погребот поради кој дојдов во Вашингтон е одложен. Не ми се допаѓа идејата за поминување на 14 дена во задолжителен карантин во кинески хотел, на сопствен трошок, што е судбината која ме чека ако се вратам во Пекинг сега. Доаѓам во искушение да ја прифатам понудата на пријател што ми нуди маска за лице. Никогаш не се знае низ уште колку карантини треба да поминам во следните недели или месеци и кои прописи ќе важат.