Автори: Греам Вуд и Дејвид А. Шпигел, професор по хемија и фармакологија на универзитетот Јејл

Атлантик

Сите нови лекови што се развиваат траат долго, но некои подолго од другите. Вакцините кои сега ќе се тестираат за ковид-19 можеби се ветувачки, но сè уште се теоретски, па дури и етички сомнителни.

Конзорциумот за здравствена нега „Кајзер перманенте“ упати јавен повик за доброволци да примат мистериозна супстанција која, ако успее и не предизвика несакани последици, ќе нè ослободи сите од пеколот на карантинот и ќе стане широко достапна за некаде од 12 до 18 месеци. Тестирањето е во партнерство со „Модерна“, биотехнолошка компанија од Бостон, и националните здравствени институти и не е претерување ако се каже дека ниедни фармацевтски резултати не се очекувале со поголемо нетрпение како овие. „Модерна“ не беше достапна за коментар. Типот на вакцина која ја развива не е официјално одобрена, а како и сите експериментални лекови, може да биде неуспешна.

Речиси секоја вакцина која има одобрение од американската Управа за храна и лекови (ФДА) има цел да внесе надворешни протеини во здрав, но неимун поединец. Човечкиот имунолошки систем ги открива тие протеини кои честопати се дел од патогенот (да речеме вирусот на сипаници) и потоа брзо ги препознава и гради природна одбрана. Кога вирусот влегува во телото, нашиот имунолошки систем веќе ги препознава тие протеини и гради одбранбен систем како да се бори со нив. Затоа поединецот не може да заболи од тој вирус.

„Модерна“ работи на РНК-вакцини но не со инјектирање на протеини, туку на молекули на нуклеинска киселина која во себе носи информација за изградба на протеините. Нашите клетки користат РНК со чија помош постојано се градат протеините, затоа што таа е носител на кодот. Со РНК-вакцината се инјектираат кодови во клетките со надеж дека тие ќе ги прифатат и ќе почнат да градат протеини кои треба да создадат природна одбрана за имунолошкиот систем против вирусот.

Покрај успешноста кај животните, оваа стратегија никогаш не даде вакцина одобрена за луѓе. „Модерна“ е лидер во ваквиот пристап и бидете сигурни дека научниците ги разгледаа сите можности да ја стават во функција. Но нивниот пристап се смета за амбициозен. Ако се покаже успешен кај човекот, тоа ќе биде огромен напредок во имунологијата и клиничката медицина.

Предноста на пристапот за вакцина со РНК е брзината. Научниците само треба да ја знаат генетичката секвенца на вирусот и потоа можат да синтетизираат и да произведуваат РНК вакцина само за неколку недели. РНК е многу кревка и во лабораторија мора да го заштитите лицето кога работите со неа, не затоа што таа е опасна по здравјето, туку затоа што вие сте опасни за неа. Дури, само капки плунка кои содржат ензими, можат да ја растурат РНК и потоа таа е бескорисна. Сè додека прецизно се формулира, РНК се смета за речиси безопасна за инјектирање кај луѓе, а првата фаза од тестирањата може веднаш да започне. Ретко успехот може да се гарантира, но барем знаеме дека РНК нема да им наштети на доброволците во тестирањето, кои добиваат по 1.100 долари за едно инјектирање. Ова е паметен пристап, но не треба премногу да се надеваме на него, затоа што никој не може и не треба да гарантира дека РНК-вакцината наскоро ќе ја запре пандемијата.

Постои и друга опција, помалку амбициозна, но со поголеми шанси за успех дури и со можен датум да биде ставена во функција за три до четири недели, а резултати да следат по четири недели. Таа се нарекува пристап на трансфузија на крв.

Ако сте го преживеале ковид-19, како и 86.025 лица досега, тоа е затоа што вашето тело формирало природна одбрана која се изборила со вирусот. (Ниедна фармацевтска терапија не даде значителна помош, па засега нашето тело е препуштено само на себе, од имунолошка гледна точка). На тој начин вашето тело сега создава антитела за коронавирусот. Ако сакате да ги споделите, ќе станете нечиј најдобар пријател.

Процесот е едноставен. Можете да дарувате крв, а во лабораторија ќе бидат издвоени клетките и ќе се зачува само килибарниот серум во кој антителата против вирусот сè уште се присутни и активни. Со понатамошна обработка, овој серум се нарекува „хиперимун глобулин“. Останува само серумот да се инјектира кај здраво лице (или во поголема количина кај заболено). Антителата нема засекогаш да се задржат, но можат да траат неколку недели или месеци и да му помогнат на болниот да закрепне, а на здравиот да развие имунитет против вирусот.

Вчера, тим на универзитетот Џонс Хопкинс предводен од Артуро Казадевал доби одобрување од ФДА да ја тестира оваа техника.

– Ова има големи шанси да успее, ако се земе предвид стогодишното искуство во медицината – вели тој.

Овој пристап успешно се користеше против епидемијата на ебола во 2014 година, но носи и свои ризици. Антителата против вирусот можат да ја влошат вирусната инфекција во некои случаи, како со денга треската. Не знаеме дали ковид-19 ќе реагира на тој начин. (Не е случај кај повеќето вируси). Покрај тоа, Казадевал вели дека веќе имал доброволци кои сакаат да донираат антитела или да го добијат серумот од другите. Трикот е во тоа што преживеаниот од ковид-19 може да поддржи имунитет на најмногу неколку лица, а за да го стори тоа, ќе мора редовно да дарува крв и на некој начин да стане човечка кеса за крв. Ако проектот успее, ќе покрене етички дилеми. Кој ќе биде меѓу среќните 10 за секој преживеан? Дали ќе сакате да донирате антитела за вашите најблиски?

Идеално ќе беше да имавме вакцина која ќе влезе во масовно производство и потоа ќе се стави во употреба кај луѓето. Во реалноста ќе треба да почекаме, а краткорочните решенија, меѓу кои и социјалното дистанцирање, се единствените на кои можеме да се потпреме. Но не смееме да ја губиме надежта.

Превод: Билјана Здравковска