Мултимилијардерските договори им даваат на произведувачите на лекови правна заштита, сопствеништво врз патентите и слобода во однос на роковите за испорака и на одредувањето на цените, а ветуваат и дека поголем дел од нивната содржина нема да биде објавена јавно, пишува „Њујорк тајмс“.
– Кога членовите на Европскиот парламент се состанаа месецов за да го разгледаат првиот јавно достапен договор за купување на вакцини против коронавирус, тие сфатија дека нешто недостига. Редактирани беа цените на дозите вакцини, распоредот на кампањата за вакцинација и сумата која се плаќа однапред. А тој договор помеѓу германската компанија „Крујвац“ и Европската Унија се смета за еден од најтранспарентните – наведува американскиот весник.
Владите вложија милијарди долари во помагање на фармацевтските компании за развој на вакцините, а сега трошат милијарди и за купување на потребните дози. Но деталите од тие договори во голема мера остануваат тајни, бидејќи владите и здравствените организации ги почитуваат барањата за тајност на фармацевтските компании.
Само неколку недели по отпочнувањето на кампањата за вакцинација, таквата тајност веќе го отежнува сносењето на одговорност од страна на потписниците на договорите. „Фајзер“ и „Астра зенека“ неодамна објавија дека нема да ги постигнат целите за снабдување на ЕУ со вакцини, создавајќи загриженост. Но, условите од договорот остануваат строго чувана тајна, што го оневозможува барањето на меѓусебна одговорност од страна на компанијата и на владите.
– Достапните документи сугерираат дека фармацевтските компании барале и добиле флексибилни рокови за испорака, заштита на патентите и имунитет од одговорност доколку спроведувањето на процесот наиде на проблеми. Во одредени случаи на државите им се забранува да донираат или да препродаваат вакцини, што би можело да им нанесе штета на посиромашните држави – тврди „Њујорк тајмс“.
Владите склучуваат барем три видови на договори за вакцините. Некои ги купуваат директно од произведувачите, други ги купуваат преку регионалните организации како што се ЕУ или Африканската Унија. А многумина ќе се свртат кон неприфитниот систем „Ковакс“, алијанса од повеќе од 190 држави, која купува вакцини од произведувачите за да ги направи глобално достапни по пониски цени или бесплатно, особено на посиромашните држави. А некои влади потпишаа договори и со произведувачите и со „Ковакс“.
Редактирањето на цената во договорите достапни за јавноста е вообичаена практика која компаниите ја сметаат за деловна тајна. Тоа им овозможува на произведувачите да имаат предност во однос на владините преговорачи кои не знаат колку другите држави плаќаат за вакцините. Но извесно е дека договорите им овозможуваат и одреден простор за маневрирање на фармацевтските компании, заклучува „Њујорк тајмс“.