Кога слушнаа за заболените од мистериозната пневмонија во кинески Вухан на 31 декември минатата година, тајванските здравствени власти бргу испратија мејл до Светската здравствена организација (СЗО) барајќи повеќе информации, пишува магазинот „Тајм“.
Барањето составено од четири реченици, оттогаш стана „храна“ за политичката кавга помеѓу Кина и САД, заканувајќи се да и наштети на репутацијата на СЗО додека таа ја предводи борбата против незабележаната глобална пандемија.
Тајванските и американските власти го искористија мејлот за да тврдат дека СЗО го игнорирала раното предупредување оти коронавирусот веројатно ќе се пренесува меѓу луѓето.
Во интервју со „Тајм“ д-р Ло Ји-чун, заменик-директорот на тајванските Центри за контрола на болести, кажа дека СЗО требала да делува врз основа на барањето на Тајван со спроведување на сопствена истрага. Наместо тоа, тој вели дека СЗО „пружила лажно чувство на безбедност на светот“.
СЗО го бранеше своето справување со заразата и истакна дека се потпира врз земјите-членки како што е Кина, да известуваат точно за нивните сознанија. СЗО исто така посочи дека во мејлот на Тајван не се спомнува јасно пренесувањето на вирусот меѓу луѓето и дека островот не бил првиот ниту единствениот што ја контактирал организацијата во врска со заразата.
А сепак, сомнежот се зголеми. Американскиот претседател Доналд Трамп, соочувајќи се со критики во врска со одговорот на неговата влада, го посочи мејлот на Тајван како доказ дека СЗО наводно и помогнало на Кина да ја прикрие сериозноста на заразата, по што го прекина финансирањето на СЗО во април. Пекинг и СЗО го негираат прикривањето.
Со Тајван во центарот на вниманието, „Тајм“ разговараше со здравствени експерти, политичари и аналитичари за да открие што точно знаел островот во критичните денови на пандемијата, кога иницирал брз одговор што придонел за спречување на ширењето на заразата.
На 31 декември, Тајван почна да спроведува тестирања за сите авионски летови што пристигнуваа од Вухан. Беше потребно време, но мејлот што Ло нареди неговите колеги да го испратат до СЗО, предизвика геополитичка бура. Тајван не е членка на СЗО поради приговорите од Пекинг, кој полага суверенитет врз островот. Исклученоста од СЗО, според Тајван, е опасна за јавното здравје. СЗО која е управувана од нејзините членки и нема авторитет врз членството, истакна дека споделувала информации поврзани со пандемијата со Тајван. Во меѓувреме, администрацијата на Трамп се наврати на статусот на својот сојузник, додека ја напаѓаше врската помеѓу СЗО и Кина.
Со разгорувањето на караницата, откако водечкиот човек на СЗО Тедрос Аданом Гебрејесус го обвини Тајван за поддржување на расистичката кампања против него, Тајван јавно го објави мејлот од 31 декември.
Во текстот напишан на англиски се спомнуваат информации „за барем седум атипични случаи на пневмонија“ посочувајќи дека пациентите биле „изолирани за лекување“. Министерството за надворешни работи на Тајван изјави за „Тајм“ преку мејл, дека предострожноста преставувала доказ, „силно сугерирајќи оти имало можност за пренос помеѓу луѓето“, бидејќи немаше да биде неопходна доколку болеста не е заразна. Здравствените власти можеле од напишаното да насетат предупредување за зараза, според изјавите од тајванското министерство за надворешни работи и од надлежните здравствени служби.
Здравствените експерти што ги контактираше „Тајм“ имаа поделени мислења, со што дел кажаа дека „атипичната пневнонија се смета за заразна“, додека други велат дека изолирањето на пациентите со потенцијален нов патоген е разумна превентивна мерка.
СЗО негира дека го игнорирала предупредувањето од Тајван. Портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ вели дека СЗО го примила мејлот на Тајван откако Вухан го сопштил избивањето на заразата. Според Тедрос, Тајван не предупредил прв за случувањата во Вухан, велејќи „многу други држави веќе бараа појаснување“.
Тајван беспоштедно се обидуваше да придобие меѓународна поддршка наспроти глобалната пандемија, вклучувајќи го и туркањето на долгорочната кампања за да му биде овоможено враќање во СЗО.
– Уште ни е потребна СЗО. И потребно е СЗО да биде посилна – кажа Ло.