Новите европски жаришта не се ни одблиску страшни како при врвот на пандемијата во април, но претстои сериозен тест за државните стратегии против ширењето на коронавирусот
Усвојувањето на Фондот од 750 милијарди евра беше главна точка во планот на ЕУ за справување со економските последици од коронавирусот. Но, новите жаришта на Стариот континент претставуваат потсетување за непосредната епидемиолошка закана, пренесува „Блумберг“. Вториот бран уште не настапил, но ова претставува сериозен тест за државните стратегии чија цел е негово избегнување.
Бројот на нови случаи брзо расте по укинувањето на карантинот, иако е значително понизок во однос на април. Во Шпанија дневниот број на случаи достигна речиси илјада минатата недела, што се должеше на локалните жаришта во Арагон и во Каталонија, каде што ноќните клубови сега се затвораат и се воведуваат забрани за баровите. Во Белгија, пак, зголемениот број на инфекции ја принуди владата да воведе построги мерки за социјално дистанцирање.
Ова не треба да претставува изненадување, знаејќи ги последиците од ублажувањето на мерките. Проценките за ширење на вирусот извршени од економистите на Банката на Америка, сугерираат дека секое заразено лице во просек ќе го прошири вирусот на барем уште едно лице, според зголемувањето на бројот на случаи во Обединетото Кралство, Франција, Шпанија, Италија и во Белгија.
Новото ширење во Шпанија и во Белгија е загрижувачко, но помалите „паметни карантини“ се покажаа како ефективни во графовите и во регионите во Германија, Обединетото Кралство и во Италија. Ова претставува доказ за подобрувањето на следењето на заразата по избивањето на пандемијата. А носењето на маски сега е наметнато од властите во повеќе држави.
Франција, Шпанија и Италија го зголемија и обемот на тестирање, но лабораториите што ги вршат тестирањата се преоптоварени па соопштувањето на резултатите доаѓа бавно.
Од друга страна, се појавува замор од дистанцирањето меѓу младите луѓе. Статистиките во Шпанија покажуваат дека луѓето во нивните 20-ти и во 30-ти години се извор на нови инфекции, со затоплувањето, доаѓањето на сезоната на летните одмори и повторното отворање на угостителските објекти.
Сепак, постои причина за одреден оптимизам, но Европа уште не ја избегна заканата од вториот бран, заклучува „Блумберг“.