Светот долго ја сметаше Шведска за примерно општество. Но таа слика беше доведена во прашање во изминатите неколку месеци. Шведска стана глобален пример за игнорирањето на повиците за воведување на карантин поради коронавирусот, пишува „Форин полиси“. Додека италијанските пицерии беа празни, а на Французите им беше потребна дозвола за да џогираат, Швеѓаните уште седеа едни до други пиејќи пиво во баровите во Стокхолм. Додека повеќе држави воведоа карантин, здравствените експерти сметаа дека Шведска и дава приоритет на економијата, наместо да ги штити животите на нејзините граѓани.
Шведските власти во повеќе наврати го оспоруваа ваквото тврдење, истакнувајќи дека целта на државата не се разликува од онаа на другите земји, односно да се осигури дека здравствениот систем нема да биде оптоварен, додека ги штити најранливите граѓани. Единствената разлика беше „благата стратегија“ со која се обидуваше да го постигне тоа.
Во изминатиов месец критиките се засилија додека растеше бројот на смртни случаи, надминувајќи 5.000 минатата недела. Дури и водечкиот епидемиолог Андерс Тегнел што ја осмисли стратегијата, призна дека премногу луѓе починале, и дека веројатно би поддржал построги мерки доколку во март ги поседуваше сегашните информации. Но, Тегнел тврди дека неговата стратегија не потфрли и дека никој не знае какви мерки би требале да бидат воведени.
Агенцијата за јавно здравје во февруари тврдеше дека има мал ризик за ширењето на вирусот во Шведска, сметајќи дека ширењето на паника е поголем ризик. Но, не сите поверуваа во ваквите тврдења.
Бројни написи во медиумите тврдеа дека не постои соодветна подготовка за справување со вирусот. Бидејќи пандемиите се шират брзо, властите треба да се подготват за недели или месеци однапред. Истакнат медицински магазин во февруари посочи дека Шведска има најмал број на болнички кревети по бројот на жители и дека ресурите ќе достигнат максимален капацитет на дополнителни 100 пациенти со претпоставка дека би им била потребна итна нега во текот на 14 дена. Резервите на заштитна опрема на војската се намалија по крајот на Студената војна, а шведската влада до 2014 година уништи 7,3 заштини маски кои беа оставени да пропаѓаат.
– Ова не е грешка на една личност или потфрлање на шведската стратегија во целост. Но систематичниот неуспех не може да се поправи за неколку месеци. Кризата со која Шведска се соочува денес е последица на префрлањето на одговорноста од страта на владата на регионите и окрузите на сметка на согледувањето на поседиците, а уште поважно, на отстапување од најважната мисисија – заштитата на најранливите – се заклучува во анализата на „Форин полиси“.