Филипинските власти, под карантински мерки поврзани со пандемијата на коронавирус, се подготвуваат да евакуираат околу 400.000 луѓе поради тајфунот Амбо, пренесува АБС-ЦБН.
Според извештаите, филипинското Министерство за здравство ги предупредило локалните власти дека треба да се одржува растојание од најмалку еден метар помеѓу евакуирани лица за да се избегне ширењето на коронавирусот.
Тајфунот Амбо го погоди источниот дел на островот Самар во општината Сан Поликарпо, проследен со пороен дожд и ветер.
Раководителот на Одделот за итни случаи во покраината, Џош Ечијано, посочи дека дел од евакуираните ќе бидат сместени во објекти кои претходно биле наменети за пациенти со ковид-19, но не биле користени, како и во други карантински установи.