По само три недели откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја прими вакцината на „Фајзер“, Израел веќе е во водство во однос на светот кога станува збор за вакцинацијата, откако до денес имунизираше околу 20 отсто од населението, пишува „Политико“.
Причините за успешноста на Израел при вакцинацијата излегуваат на виделина. Нетанјаху откри на 7 јануари дека Израел постигнал договор со „Фајзер“ за размена на податоците на израелските граѓани за 10 милиони дози на вакцини, вклучувајќи го и ветувањето за испорака на 400 до 700 илјади дози неделно.
Според овој договор, Израел ќе достави до „Фајзер“ и до СЗО детали за возраста, полот и медицинската историја на оние што ќе ја примат вакцината, како и информации за можните нуспојави и за ефикасноста.
Се смета дека 10 милиони дози се „капка во океанот“ за „Фајзер“ кој се обврза да произведе 1,3 милијарди дози вакцини годинава, а веројатно ќе успее да произведе и повеќе. Кога вакцината беше одобрена во декември (пред тоа да го стори ЕУ), Израел веќе беше подготвен за процесот на имунизација. „Фајзер“ може да има корист од успешноста на вакцинацијата во Израел за создавање на добар глобален имиџ.
Здравствените власти во Израел уште не одговорија на директните прашања за точниот број на дози кои израел ги обезбеди или за цената која ја плати, наведувајќи дека државата потпишала тајни договори со производителите. Израел постигна договори за набавка на вакцини и со британската „Астра зенека“ и американската „Модерна“.
Предност при вакцинацијата во Израел имаат лицата над 60-годишна возраст, здравствените работници и луѓето со хронични заболувања. Нетанјаху вети дека ќе ја забрза стапката на вакцинација на најмалку 170 илјади луѓе дневно.