Научниците тврдат дека идентификувале „стелт“ верзија на омикрон-видот која не може да се разликува во однос на другите варијанти на коронавирусот преку ПЦР-тестови кои здравствените установи ги користат, пишува „Гардијан“.
Ваквите заклучоци се должат на зголемувањето на бројот на детектирани случаи на омикрон во Обединетото Кралство од 101 на 437 во текот на 24 часа.
„Стелт“ варијантата има повеќе заеднички мутации со стандардниот омикрон, но не покажува одредена генетска промена која им овозможува на ПЦР-тестовите да бидат употребени како средство за откривање на можни случаи.
Ваквиот вид и натаму се бележи како коронавирус со вообичаените тестови, додека може да биде идентификуван како омикрон преку геномско тестирање, но не и преку ПЦР-тестовите кои даваат побрзи резултати, се објаснува во анализата на британскиот весник.
Истражувачите велат дека е рано да се даде заклучок дали новата форма на омикрон ќе се шири на ист начин како и првичната варијанта, но претпоставуваат оти би можела да се однесува различно поради генетската дистинкција.
– Има две лози во рамките на омикрон – БА.1 и БА.2 кои генетички значително се разликуваат – вели професор Франсоа Балу, директорот на институтот за генетика при Универзитетот во Лондон.
„Стелт“ верзијата првпат била забележана меѓу вирусните геноми од случаите во Јужноафриканската Република, Австралија и Канада. Уште е непознато како се појавил новиот вид на омикрон.