Светската здравствена организација (СЗО) го класифицираше индискиот сој на коронавирус, исто така познат како „двоен мутант“, како можност од нова глобална загриженост, пренесува „Би-би-си“.
Според првичните истражувања, варијантата Б.1.617 многу лесно и брзо се шири за разлика од другите соеви и бара дополнителни студии.
СЗО наведува дека овој вид веќе се проширил во повеќе од 30 земји.
Другите три видови на коронавирус од Велика Британија, Јужна Африка и Бразил беа оценети на сличен начин.
Индискиот вид на Ковид-19 покажува дека лесно и брзо се пренесува, предизвикува потешка клиничка слика, а забележлива е и намалена ефикасност на терапиите и вакцините, односно активност на антитела.
Овој сој во моментов се анализира за да се утврди дали е одговорен за огромното зголемување на случаите во Индија каде болниците и крематориумите се пренатрупани, пренесуваат медиумите.
Според последните податоци, во Индија се регистрирани 366.161 нови случаи на заразени со Ковид-19, а починале 3.754 лица.
Експертите велат дека реалните бројки се веројатно многу повисоки од регистрираните.