Организацијата предупреди дека земјите би можеле да се соочат со втор бран ако избрзаат со укинувањето на мерките против пандемијата со ковид-19
Случаите на новозаболени од коронавирусот изминатиот период во земјава, кои главно се резултат на непочитување на мерките, би можеле да послужат како добра лекција во момент кога се сѐ погласни предупредувањата од евентуален втор бран од ширење на ковид-19, кој го најавува и самата Светска здравствена организација (СЗО). Експертите се поделени во однос на тоа дали новиот бран би бил послаб или посилен, но заедничко им е очекувањето дека вирусот ќе се врати. Македонските здравствени власти регистрираа нови кластери на заразени од ковид-19 во Скопје, кои се поврзуваат со неодговорноста на граѓаните. Велат дека строгото придржување на протоколите и мерките за заштита е најважен начин како да се пречека или пресретне евентуален втор бран наесен за да се избегнат рестриктивните карантински мерки низ кои поминаа Европа и светот.
СЗО предупреди дека земјите сè уште би можеле да се соочат со „непосреден втор бран“ ако избрзаат со укинувањето на карантинските мерки. Ханс Клуге, директорот на СЗО за Европа, предупреди дека вториот бран може да се совпадне со други заразни болести, како сезонски грип и сипаници.
– Европските земји мора да се подготват за втор бран на коронавирусот, затоа што пандемијата не е завршена. Земјите што почнуваат да ги олеснуваат своите ограничувања сега е време да се подготват, а не да слават – посочува Клуге.
Епидемиологот Драган Даниловски вели дека е можно наесен да се јави нов бран, а можеби понатаму и уште еден, сè додека колективниот имунитет не достигне 60 отсто.
– Дали ќе има повторен карантин или не, зависи од јачината на бранот, како и од дисциплината наша, како поединци, во текот на летото – објаснува Даниловски.