Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека епидемијата на коронавирус се забрзува и дека се појавуваат докази за пренесување на ковид-19 преку воздух, откако 239 меѓународни експерти предупредија за ваквиот начин на заболување.
– Признаваме дека се појавуваат докази во оваа област и затоа треба да бидеме отворени за таа можност и да ги разбереме импликациите – рече Бенедета Алегранци, една од водечките фигури во СЗО на видеоконференција.
– Можноста за пренесување на вирусот преку воздух на јавни места, особено ако се преполни, не може да се исклучи. Сепак, доказите мора да се соберат и толкуваат – предупреди Алегранци, препорачувајќи ефикасна вентилација и проветрување на затворените простории и физичко растојание.
– Тогаш кога тоа не е можно, препорачуваме да носите маска – додаде Алегранци.
Повеќе од 200 меѓународни научници ги повикаа СЗО и меѓународната медицинска заедница да ја признаат можноста дека вирусот се пренесува преку воздух во статија објавена во списанието Clinical Infectious Diseases на Оксфорд.
СЗО веќе беше критикувана дека задоцнила со препораките за носење маски, а сега е обвинета и затоа што одбива да ги разгледа сè поголемиот број индикатори за пренесување на вирусот преку воздух.
– Епидемијата се забрзува и сè уште не го достигнавме врвот на пандемијата – предупреди генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
– Се чини дека бројот на жртви се стабилизира на глобално ниво, а во реалноста некои држави постигнаа значителен напредок во намалувањето на смртноста, но во други бројот на починати се зголемува – рече тој.