На денешното одбележување на Светскиот ден на здравјето, 7 април, здравствените работници се наоѓаат во првите борбени редови против пандемијата, ризикувајќи ги своите животи за да се грижат за другите, со што покажуваат врвни професионални и човечки карактеристики. Нивните беспоштедни напори и жртвување во борбата против заразата заслужуваат честитки и голема благодарност.
Светскиот ден на здравјето годинава се одбележува под мотото „поддршка на медицинските сестри и акушерки“.
– Медицинските сестри и другите здравствени работници се во првите редови во справувањето со ковид-19 и во обезбедувањето третман и грижа за пациентите. Светскиот ден на здравјето ќе го потенцира сегашниот статус на медицинските сестри низ целиот свет. Светската здравствена организација и нејзините партнери ќе дадат серија препораки за подобрување на нивните услови за работа – се наведува во пораката на Светската здравствена организација (СЗО).
На Зравственото собрание на СЗО одржано во 1948 година беше решено 7 април секоја година да се одбележува како Ден на здравјето, почнувајќи од 1950 година. На овој ден е основана СЗО и таа пригода се смета за прилика да се привлече меѓународно внимание на здравствените проблеми со кои се соочува светот. СЗО традиционално приредува меѓународни, регионални и локални настани со извесна тематика која е важна за таа година.