Mасовното тестирање на првата руска потенцијална вакцина против ковид-19, која доби одобрение од руските власти, ќе вклучува повеќе од 40.000 луѓе и ќе биде надгледувано од странско научно тело, соопштија денеска официјални лица кои работат на проектот.
Со објавување на детали за третата фаза од клиничките испитувања, која започнува следната недела, производителите на вакцината сакаат да ја намалат загриженоста на некои научници поради оскудните податоци за вакцината што Русија досега ги објави.
Вакцината е именувана „Спутник V“, по првиот светски сателит лансиран од поранешниот Советски сојуз. Руските власти и научници ja фалaт вакцината како безбедна и ефикасна по двомесечните тестирање на луѓе во мал обем, иако резултатите сè уште не се официјално објавени. Сепак, западните експерти се скептични и предупредуваат да не се користи додека не се изврши успешно, меѓународно одобрено тестирање.
– Голем број држави водат информативна војна против руската вакцина – смета Кирил Дмитриев, шеф на Фондот за директни инвестиции на Русија, тело кое го поддржува развојот на вакцината. Тој во интервју посочи дека податоците за вакцината ќе бидат објавени во научно списание во текот на месецов.
Русија примила нарачки за милијарда дози од вакцината од земји низ целиот свет, а има капацитет да произведува до 500 милиони дози годишно преку производствени партнерства.