Експертите многупати досега предвидуваа изблик на епидемија од типот на коронавирус. Но она што неодамна го објави американскиот медиум „Елементал“, за настан што се случил во октомври минатата година во Њујорк, во кој се разгледувало сценарио за пандемија предизвикана од вирус што е многу сроден до оној од кој се развива болеста ковид-19, а кој потекнува од лилјаци и за што нема ниту вакцина, ниту лек, е навистина премногу за да биде чиста случајност. Особено кога едно такво сценарио за разгледување и дебата ќе биде дадено на одбрана група луѓе, деловни, владини и здравствени субјекти од целиот свет, собрани во луксузен њујоршки хотел, во организација на Светскиот економски форум и фондацијата на Бил Гејтс, тогаш веројатноста дека сето тоа е случајност, драстично е намалена. Во продолжение, го пренесуваме во целост написот во „Елементал“

Фрапантни информации поврзани со коронавирусот публикувани на американската платформа „Елементал“

Едно петочно утро минатиот октомври, 15 клучни деловни, владини и здравствени субјекти од целиот свет се собраа во луксузниот њујоршки хотел „Пјер“. Најмалку 130 луѓе дојдоа да го следат 3-часовниот настан во организација на центарот за здравствена безбедност „Џон Хопкинс“, Светскиот економски форум и фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс. Учесниците имаа задача да дебатираат, формирајќи притоа разни стратегии, дискутирајќи за можни исходи, соочувајќи се со предизвици и наоѓајќи решенија – сето тоа врз основа на однапред смислено и запишано имагинарно сценарио. Звучи здодевно, нели? Па, не беше баш така. За темата под име „Настан 201“ сценариото започна со лажна објава во која се велеше: „Непозната нова болест од типот на САРС предизвикува светска пандемија. Потекнува од лилјаци, се пренесе прво на свињите, а потоа и на луѓето. Не постои лек ниту вакцина, целокупното светско население е подложно на инфекција.“ Ова измислено – токму така, измислено – сценарио завршува година и пол по првичниот изблик, а конечниот резултат е поразителен – 65 милиони жртви и катастрофални последици врз економијата.

Неброени пишани најави

Навистина е шокантен достапниот обем на литература, текстови, статии и истражувачки предупредувања со најави за појава на вирус сличен на грипот, кој би имал многу тешки последици за респираторниот систем и со огромна брзина би се ширел низ светот. Во 2012 година, непрофитното калифорниско здружение „Ранд“ објави истражување под наслов „Закани без заканувач?“, во кое се разгледуваат три потенцијални закани за светот, кои не мора да бидат предизвикани од човечки фактор. Од трите анализирани и елаборирани закани (климатски промени, недостиг од вода и пандемија), најгласен „аларм за тревога“ предизвика потенцијалната штета од некаков вид пандемија во блиска иднина.

Во 2013 година, разузнавачкиот комитет на Сенатот го објави својот извештај за процена на светските закани. Во рамките на документот, кој содржи 34 страници, се наоѓа алармантно предупредување: „Еден од највознемирувачките можни настани е веројатноста за појава на лесно пренослив нов респираторен патоген, кој убива или онеспособува повеќе од 1 отсто од своите жртви. Таквата појава би резултирала со глобална пандемија што предизвикува страдање и смрт насекаде низ светот, веројатно за период помал од 6 месеци. Овде не се работи за хипотетичка закана. Историјата е полна со примери за патогени што го коселе населението со послаб имунитет, предизвикувајќи политички и економски превирања и пресврти и влијаејќи врз воените исходи.“ Истото мрачно предупредување било вклучено во извештајот од 2014 г., како и во оној по него.

Сѐ беше познато, сѐ беше земено предвид до степен на н
еверојатна прецизност

Нормално, некои од вас сигурно си велат: „Кој воопшто ги чита извештаите на разузнавачкиот комитет или наодите од советодавните здравствени тела? Можеби овие предвидувања биле наменети само за мал број експерти?“ Всушност, дури 50 милиони луѓе го следеа говорот на Бил Гејтс пред 5 години, во кој тој ги опиша вирусите како страшна закана за човештвото, многу поголема од воените проектили. Во видеото што оттогаш масовно се прошири, Гејтс вели: „Значи следниот пат можеби нема да имаме толку среќа. Може да се појави вирус со кој заразените луѓе се чувствуваат доволно добро за да се качат на авион или да одат на пазар.“

Да го вратиме филмот назад во 2011 г.

Филмот „Зараза“ (2011) доби одлични критики и оствари добивка од 136,5 милиони долари. Мет Дејмон, Лоренс Фишбурн, Гвинет Полтроу, Кејт Винслет и многу други талентирани и славни актери глумеа во филмот што раскажува приказна за епидемија на вирус, пренесуван од човек на човек по пат на респираторни капки, кој потекнува од лилјаци од Далечниот Исток. Важно предупредување: филмот не е комедија. Предупредувања имаше насекаде, напишани со големи, јасно читливи букви. Почнувајќи од страниците на поп-културата, до оние високоакадемските. Од безбедносните служби, па сѐ до медицинската заедница. Сѐ беше познато, сѐ беше земено предвид до степен на неверојатна прецизност. Па, тогаш како е можно денес реално да го живееме сценариото на филмот „Зараза“, снимен дури пред 9 години?!

Човекот со папилотка

На почетокот на март, на настанот одржан во американскиот Капитол хил, д-р Питер Хотез зборуваше пред Комисијата за наука, вселена и технологија. Со малку неуредна коса, прешироко палто, тенки, тркалезни очила и карактеристична папилотка со точки, личеше на типичен научник. Кога би требало да нацртате научник, веројатно би нацртале некој токму како него. Денеска Хотез можеше да биде херој на нашето време. Како декан на Државното училиште за тропска медицина при медицинскиот колеџ „Бејлор“ во Тексас, тој со години работеше на вакцина за вируси од типот корона. Доаѓајќи до епохално откритие во 2016 година, тој наедно се соочи и со нерешлив проблем: никој не сакаше да инвестира во неговото истражување. Откако остана без финансии, Хотез не беше во можност да организира клинички испитувања.
Во јануари 2020 г., од Кина почнаа да надоаѓаат информации во врска со некаков нов вид коронавирус. Хотез ги виде статистиките и не можеше да поверува. Неговиот труд можеше да резултира со формула, која – со неколку мали поправки – ќе се претвореше во вакцина за ковид-19. Можеше, но не се случи. Работата остана недовршена, зашто никој не беше подготвен да инвестира.

Дури и во денешниве околности, објасни Хотез, еден потенцијален инвеститор му кажал дека прво сака да се осигури дека ковид-19 нема да си замине, па дури потоа да реши дали ќе инвестира во пронаоѓање вакцина. Испаѓа дека по сѐ, најдобриот бизнис е оној што постојано се повторува и носи профит. Здравјето е бизнис, и како такво, тоа е исклучително скапо. Инвестициите во истражување и развој природно се насочени кон локации што можат да „испорачаат“ највисока стапка на повторување. Во 2014 година, кога избувна еболата, истражувачите низ светот неуморно работеа за пронаоѓање вакцина. Само неколку месеци подоцна, мораа да се соочат со фактот дека епидемијата завршила и дека нивната работа повеќе нема некое особено значење.
Од друга страна, самото производство во медицинската индустрија е многу скапо, па, така, во последниве неколку години, најголем дел од светското медицинско производство се пресели во Кина и во Индија, кои поседуваат евтина работна сила. Дури околу 40 отсто од клучните компоненти за производство на антибиотици што се користат во САД се од кинеско производство.

Овие компоненти потоа се транспортираат во Индија, која произведува 80 отсто од лековите. „Ова предизвика голем проблем“, изјави за весникот „Форбс“ Ерин Фокс, извршна директорка за информации во врска со лекови при Универзитетот во Јута. „Доколку Кина и Индија би решиле да престанат да ни продаваат суровини, ние не би биле во можност да произведеме речиси 80 отсто од неопходните лекови.“
Но, тоа не е сѐ. Годинава имавме можност да видиме што се случува кога Кина е парализирана од епидемија. Најголемиот дел од медицинската опрема за лична заштита се произведува токму таму; кога се затворија фабриките во Шангај и во Шенжен, докторите и медицинските сестри во Мадрид и во Милано беа принудени да носат ќесиња за ѓубре наместо заштитни костими.

Историјата се повторува, сме заборавале порано, ќе заборавиме и сега

Човештвото се соочувало со многу пандемии досега. Во моментов се справуваме со сериозно и комплексно заболување, носејќи истовремено на својот грб и еден куп други претходни болести. Имавме многу минати искуства за поподготвени да ја пречекаме оваа епидемија: шпанскиот грип од 1918, азискиот грип од 1957, грипот од Хонгконг од 1968, рускиот грип од 1977, САРС од 2002, птичјиот грип од 2007, свинскиот грип од 2009, ебола од 2014, зика од 2015 година – ова дури не е ни целосниот список. Ние луѓето сме се справувале со заразни болести од почетокот на времето. Во меѓувреме многу напреднавме, но напреднаа и вирусите.
Меѓународните организации ги имаа на увид сите трауматски искуства од поранешните пандемии, а сепак, се чини дека речиси ништо не е сменето. По избувнувањето на епидемијата на свински грип, ЕУ ја обвини СЗО за залудно трошење јавни средства, промовирање неоправдана атмосфера на страв и дозвола за некоректни релации помеѓу докторите и фармацевтските компании. „Се работеше за непостојна пандемија“, напиша Пол Флин, британски пратеник.

По епидемијата на ебола, СЗО беа повторно под удар на голем број обвинувања. Во овој случај критичарите тврдеа дека премногу бавно дејствувала. Претставниците на СЗО реагираа со тврдење дека и покрај нивните јасни предупредувања, некои држави решиле да не постапуваат според упатствата. Следуваше прифаќање на комплетна реформа во начинот на кој СЗО дејствува во ситуации на глобални епидемии.
„Ова е меѓународен повик за будење“, се јавија експертите. Беше формиран специјален комитет, чиј прв годишен извештај, објавен во септември 2019 година, содржеше многу јасен и недвосмислен заклучок: светот не е подготвен за глобална пандемија.
„Премногу долго дозволивме да трае циклусот на паника и занемарување кога станува збор за пандемии – првин ги зајакнуваме напорите кога се соочуваме со сериозна закана, а потоа брзо забораваме на нив откако заканата ќе стивне. Сега е последен момент да се дејствува“, пишува во специјалниот извештај на СЗО од 2019 година.

Ајде да бидеме подобри

Пред нас беа достапните сознанија за коронавирусот, проблематиката беше позната, дури и решенијата беа јасни, а сепак еве нѐ, заглавени во глобална, смртоносна битка со ковид-19. Тешко нѐ погодува постојаното бомбардирање со растечки бројки на заболени во САД, Велика Британија и многу други места. Секој број претставува личност, семејство, цел свет. Некој би помислил дека трогателните приказни што ги слушаме за страдањата и смртта како последица на ковид-19 нема никогаш да ги заборавиме, но не е така. Историјата се повторува, сме заборавале порано, ќе заборавиме и сега.
Извештајот на Центарот за стратегиски меѓународни изучувања насловен „Завршување на кризниот циклус во општата американска здравствена безбедност“, беше објавен во ноември 2019 г. Зборовите што се напишани во него треба да бидат серизоно предупредување за сите нас:
Кога напаѓаат здравствени кризи – сипаници, зика, ебола, пандемски грип – а стравот кај американскиот народ расте, американската влада тргнува во акција. Но, премногу често, штом кризата ќе почне да слабее во интензитет, итноста се претвора во удобност. Инвестициите пресушуваат, вниманието се пренасочува на други теми, создавајќи кај народот лажно чувство на безбедност.

Не смееме никогаш да се вратиме на старото. Можеме премногу да изгубиме. Светот мора да го промени својот начин на битисување и да дејствува попаметно. Следната пандемија не е само некаква теоретска закана.
Можеби ковид-19 ќе помине, но сигурно нѐ чека некој нов вирус, кој може да биде далеку поопасен. Ајде да учиме од сопствените грешки и да го подобриме она што ќе функционира овој пат. Можеме подобро.


„Елементал“ е американска електронска публикација, која е дел од пошироката платформа „Медиум“, која, пак, обединува електронски изданија од најразлични области и има над 120 милиони читатели. „Елементал“ секојдневно обработува научно базирани теми за здравјето и здравиот начин на живот, а како автори се јавуваат голем број имиња, специјалисти за различни области. Автор на текстот што следува е Елад Симчајоф, Израелец што живее во Лондон, а веќе 18 години е новинар истражувач и аналитичар.

https://elemental.medium.com/