Вакцината на „Фајзер“ понуди надеж за светот, но таа покрена и разни прашања, па и скептицизам, бидејќи е најбрзо одобрената вакцина во историјата. А додека човештвото нестрпливо чека да види дали ковид-вакцината на „Фајзер“ е успешна, Велика Британија го направи првиот чекор за имунизација на нејзиното население, пренесува „Политико“.
Европската агенција за лекови вчера соопшти дека одлуката за вакцинирање во ЕУ ќе биде донесена најдоцна до 29 декември. Експертите, сепак, ги изразија своите сомнежи дека Британија прифатила понизок праг за проценка на ефикасноста, предупредувајќи и за ризиците од вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“. Сепак, компанијата „Фајзер“ спремно одговори на овие прашања.
– Обезбедивме целосни пакети со податоци без да криеме нешто од регулаторите – рече Бен Озборн, менаџер на „Фајзер“ во Велика Британија.
Вакцината на „Фајзер“ и „Бионтек“ вчера доби зелено светло од здравствените власти на Велика Британија, со тоа поставувајќи нов рекорд за најкратко време за развој на целосно нова вакцина и одобрување за нејзина комерцијална употреба.
Обично, за развој на нова вакцина е потребна една деценија, па дури и повеќе. А поминаа само десет месеци откако американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ и германската „Бионтек“ започнаа да работат на нивната вакцина, додека таа беше одобрена од Агенција за регулирање на лекови и здравствени производи една година откако вирусот се појави во Кина.
Пред ова достигнување, вакцината против заушки беше најбрзо достапна на пазарот, а властите ја одобрија во 1967 година, откако беше во развој повеќе од четири години.
– Ова е историски ден и важен момент на крајот на една неверојатно тешка година. Да се развие вакцина, да се одобри за итни случаи и сето тоа за помалку од една година е досега невидено. Брзината на развој за оваа и вакцините на другите кандидати е доказ за извонреден глобален истражувачки напор – рече Чарли Велер, раководител на вакцини во „Велком Траст“.
Во меѓувреме, светот го сврте вниманието кон Британија.
– Бидејќи Велика Британија успешно ги користи дупките во законите околу брегзит и ЕУ, таа успеа да ја одобри оваа вакцина за време на вонредна состојба. Другите земји можеби треба да размислат и да го стори истото – рече микробиологот Ралф Рене Рајнерт од „Фајзер“.
Сепак, остануваат две клучни прашања околу вакцината. Колку ќе трае нејзината имунизација и дали го спречува понатамошно пренесување на коронавирусот. „Фајзер“ смета дека вакцината успешно ќе го спречува пренесувањето на вирусот, но тоа ќе биде познато во следните три до шест месеци.
Вакцината, за која се тврди дека има 95-отстотна ефикасност, е исто така прва базирана на „мРНА“ технологијата , одобрена за употреба кај луѓето, а нејзиниот развој беше поздравен од научниците.
– Оваа технологија нè става во многу подобра позиција за развивање на други кандидати за вакцини и вакцини против засега непознати вирусни патогени – вели Золтан Кис од Кралскиот колеџ во Лондон.
И покрај тоа што експертите ги поздравуваат најновите достигнувања, многумина предупредуваат дека сè уште има значителни логистички предизвици што треба да се надминат во претстојните месеци, а мерките за јавно здравје, како што се социјалното дистанцирање и носењето маски, сепак ќе бидат неопходни уште некое време.
Дел од Британците се чувствуваат скептично во врска со вакцината. Додека 27 отсто рекле дека се многу сигурни оти таа е безбедна, а 43 отсто се прилично сигурни, додека 20 отсто одговориле дека не се многу сигурни или воопшто не се сигурни во врска со неа, откри ангета на „ЈуГов“.