Германија планира да предложи закон што ќе го заштити правото на работа од дома и по завршувањето на пандемијата. Какви се размислувањата и состојбите кај нас
НОВИ ДЕЛОВНИ ТРЕНДОВИ ВО ГЛОБАЛНИ И ЛОКАЛНИ РАМКИ
Пандемијата на коронавирусот веќе неколку месеци ја парализира планетата, а работењето од дома за дејностите што го дозволуваат тоа стана единствената опција за да се одржи работниот процес.
Коронавирусот буквално ги принуди работодавците и работниците на некој начин да го тестираат работењето од дома, а истражувањето спроведено од консултантската куќа „Гартнер“, меѓу 317 финансиски директори, кон крајот на март, покажа дека 74 отсто од компаниите по пандемијата се подготвени постојано да остават најмалку пет отсто од вработените да продолжат да работат од дома.
Во таа насока е и неодамнешната изјава на германскиот министер за труд Хубертус Хајл, кој рече дека има намера да предложи закон што ќе го заштити правото на работа од дома и по завршувањето на пандемијата, доколку постојат технички услови за тоа.
– Можност да работи од дома треба да има секој што сака и кому работата му го дозволува тоа, и по завршувањето на пандемијата со коронавирусот. Сакаме да овозможиме работа од дома во поголема мера, но не насила – рече Хајл.
Според него, првите процени укажуваат дека бројот на вработени во Германија што работат од дома е зголемен од 12 на 25 отсто за време на кризата предизвикана од коронавирусот.
Некои од работниците во земјава сметаат дека работењето од дома ги прави попродуктивни и им носи извесни економски заштеди.
– Веќе два месеца работам од дома и можам да кажам дека за мене тоа е поприфатлива опција. Прво, кога работам од дома многу сум попродуктивен, оти комодитетот на домот ми дејствува повеќе смирувачки и имам поголема мотивација за работа. Покрај тоа, заштедувам на превоз, бидејќи не го вклучувам автомобил и не се измачувам да пронајдам бесплатно паркинг-место, што последните години е исклучително тешко во Скопје – вели Предраг Крстевски, вработен во приватно архитектонско студио.
Тој додава дека работењето од далечина за него не е никаков проблем, бидејќи технологијата му го дозволува тоа.
– Кога проектирам објект, можам секаде тоа да го правам. И претходно често ми се случуваше работата да ја носам дома и повеќето решенија што ги смислував ми текнуваа токму дома, така што, лично, повеќе ми одговара да продолжам да работам од дома – истакнува Крстевски.
И некои од познавачите на економските состојби сметаат дека работењето од дома по завршувањето на пандемијата на некој начин станува неизбежност.
– Секако, пандемијата ќе промени или забрза некои процеси. Работењето од дома веќе нема да се гледа како нестандардна форма на работен однос, туку напротив, многу фирми ќе тежнеат да ги искористат неговите предности и по пандемијата.
Тоа особено ќе биде важно за работниците чии работни задачи може да се одвиваат онлајн, преку работа од далечина ќе може да се направи консолидација и унапредување на продуктивноста – смета Марјан Петрески, професор на Факултетот за деловна економија и организациски науки при универзитетот „Американ колеџ“.
Тој додава дека некои слични процеси во оваа насока во Македонија започнале и пред почетокот на корона-кризата.
– Процесите во оваа насока во Македонија почнаа пред пандемијата преку почетокот на процесот на донесување нов закон за работни односи, во кој една од клучните новини е регулирањето токму на нестандардните работни договори, како работа на далечина, флексибилно работно време итн. Тој процес не е довршен, но, еве, корона-кризата ќе даде и некои совети за дополнителни аспекти во регулирањето на таквите аранжмани – нагласува Петрески.