Едно од најзагрижувачките прашања кое сите си го поставуваат откако се прошири новиот коронавирус ковид-19, е дали оние што веќе го прележале можат да заболат од вирусот по вторпат, и што тоа значи за имуниот систем на луѓето, пренесува „Гардијан“.
Професор Крис Вити, главен медицински советник на Борис Џонсон, и Патрик Валанс, главен научен советник на британската влада се обидоа да ја смират јавноста со зборовите „оние кои еднаш го прележале вирусот, ќе развијат имунитет, а ретко може да се случи да се инфицирате со вирусот по вторпат“.
Загрижувачкото прашање стана актуелно минатиот месец откако јапонските власти пренесоа дека жена која го прележала ковид-19 повторно била заразена. Ова ги збуни научниците ширум светот.
– Повторното појавување на вирусот во организмот е малку веројатно, но во научната литература постојат докази за некои случаи каде што повторно се појавува вирусот, главно кај лилјаците – вели професор Марк Харис, експерт за вирологија од универзитетот Лидс.
Информацијата за повторното заразување на пациентката во Јапонија го сврте вниманието кон тоа дали човековиот организам може да развие имунитет кон новиот коронавирус, на што медицинските советници велат дека телото развива најмалку краткотраен имунитет кон вирусот, откако ќе го прележи.
– Немаме податоци за повторно инфицирање, бидејќи сѐ уште немаме тестирано антитела за вирусот, што се надеваме дека ќе го сториме наскоро. Голема е веројатноста дека, базирано врз основа на други вирусни инфекции, генерално ќе имаме стекнат имунитет по прележување на вирусот, и нема да можеме да заболиме по вторпат. Секако, секогаш постојат чудни исклучоци, но тоа е очекувано – вели Џон Коен, професор по инфективни болести од медицинскиот факултет Брајтон и Сасекс.