Спорниот лек хидроксихлороин стекна голема популарност кај поддржувачите на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, за кој се верува дека го победил коронавирусот благодарение на овој лек, пренесува „Си-ен-ен“.
Но, лекот не помага на секого. Педесет и осумгодишниот полициски наредник Жонас Мендонса од Бразил беше со малку зголемена тежина, но претежно во добро здравје. Никој не веруваше дека за само неколку дена, тој ќе подлегне на коронавирусот, иако имаше само благи симптоми. Според советите на бразилското Министерство за здравство, лекарите на Мендонса му дале хидроксихлороин, антибиотици и антипиретици за намалување на треска и адреналин, велат неговите роднини.
– Во последните два дена лекарите имаа надеж. Треската на татко ми помина, а пулмоналната и респираторната состојба се подобрија. Сепак, тој наеднаш почина. Божја волја – рече неговата ќерка Таис Сатурнино Мендонса.
Во Бразил, каде секојдневно се регистрирани над 50.000 случаи на ковид-19, лекот е присутен во круговите на политиката и меѓу голем број на побожни луѓе. Иако нема доказ дека хидроксихлороинот делува, бразилското министерство за здравство како и претседателот Болсонаро го тврдат спротивното, привлекувајќи и мамејќи многумина со лажна надеж.
– Јас сум уште овде, а го користам лекот. И моите пријатели на кои им е препишан исто така се живи. Тоа е доказ за неговата ефективност – вели Жураси Мендонса, братот на Жонас.
Голем број студии покажаа дека лекот не е ефикасен против ковид-19, а може да предизвика дури и штета.
– На глобално ниво, дебатата за хидроксихлорохин е решена според науката, но лекот сè уште се користи од политичарите кои преку него продаваат надеж – рече поранешниот американски хирург, д-р Вивек Мурти.
Претседателот Болсонаро редовно го воспева хидроксихлорохинот кога има средби со неговите приврзаници, а неговото закрепнување од болеста го припишува на лекот за кој е докажано дека не делува. Бразил увезува милиони дози, а истражувањето објавено во неделата од страна на Медицинскиот сојуз на државата Сао Паоло покажа дека педесет отсто од лекарите биле под притисок да го препишат неодобрениот лек како третман за коронавирусот.
Честопати, поддршката за Болсонаро на митинзите значи и поддршка за хидроксихлороинот. На митинг одржан во вторникот, еден човек носеше жолта маица на која пишува „Со Болсонаро сум“ на предниот дел, а на задната страна „Целата моќ на народот“.
– Медицината не е во нашиот фокус, но сепак, во црквата имаме лекари, а лекари и надвор од нашата црква исто така се согласуваат со третманот за кој зборува претседателот. Во нашата црква немаше ниту еден смртен случај од коронавирусот. Едно лице беше хоспитализирано, додека други беа асимптоматски случаи. Некои од заразените го земале лекот на Болсонаро – изјави пасторот Вилберт Батиста, додека зад него на екранот на сцената беше прикажан ликот на Болсонаро.
Тој верува дека неговата молитва кон Исус, во комбинација со лекот, се причината зошто Болсонаро го преживеал коронавирусот.