Од појавата на коронавирусот постојано се шпекулира дали тој ќе се однесува слично како и другите вируси кога ќе дојде топло време. Се чини дека постојат причини тоа и да се случи, покажува новото кинеско истражување објавено во
„Интернешнел бизнис тајмс“
Оптимистички резултати во студија на кинески научници
Научниците од кинеските универзитети „Бејханг“ и „Цинхуа“ тврдат дека повисоките температури и зголемената влажност на воздухот, сепак, би можеле да го забават ширењето на коронавирусот, објави „Интернешнел бизнис тајмс“. Овие научници од почетокот на епидемијата во нивната земја го проучувале влијанието на температурите на коронавирусот. Студијата со резултатите од истражувањето на коронавирусот покажа дека потоплото време би можело да влијае на пандемијата, но додава и дека само тој фактор нема да го сведе бројот на заразените на нула и да ја запре пандемијата во целост.
Научниците внесоа малку оптимизам со резултатите од ова истражување, бидејќи се покажа дека коронавирусот не може да преживее, на пример, на 30 Целзиусови степени, а секој пораст на температурата за еден степен или на влагата за еден отсто ќе ја забави брзината на пренос на оваа болест од човек на човек. Студијата покажа како во Кина паѓал бројот на заразени, односно кои параметри влијаеле на тоа. Научниците сега се уверени дека ригорозните мерки, како што беше карантинот на цели покраини, и топлото време биле клучниот фактор за смирување на епидемијата.
Важен аргумент е и оној дека повисоките температури го намалиле бројот на лицата на кои еден заразен може да ја пренесе болеста од просечни 2,5 на 1,5. Имено, епидемијата во Кина го достигна својот врв во февруари, а потоа со почетокот на пролетта, односно со доаѓањето на повисоките температури, ширењето имаше намалувачки тек, и тоа во 100 кинески градови во кои било спроведено истражувањето.
Промената на температурата и на влагата се следела уште пред 24 декември, кога почнаа карантините и другите ригорозни мерки, како и по тој датум, сѐ до половината на март. Притоа за споредба се користеше коефициентот Р, со кој се мери просечниот број на лица што може да ги зарази еден заразен со коронавирус. Исто така се земаа во обзир и други фактори што би можеле да влијаат на брзината на пренос на болеста, како што се густината на населеност на градовите и нивниот економски статус. Дури потоа стручњаците процениле колку лица ќе зарази еден заразен. Просекот инаку бил меѓу 2 и 2,5 лица, но дефинитивно, со порастот на температурата и на влагата, тој просек се намалувал.
Зголемувањето на температурата за еден степен и на влагата за еден отсто значи дека секако треба да се земе предвид за епидемијата, велат научниците. Дека се тие очигледни трендови зборува и фактот дека на почетокот на избувнувањето на пандемијата повеќе страдаа земјите во кои во тој момент температурите на воздухот беа пониски, како и влагата. На пример, значително повеќе заразени, освен во Кина, имало во Кореја, Јапонија и во Иран, каде што беше постудено отколку во Сингапур, Малезија и Тајланд, каде што температурите беа повисоки, велат научниците.
Засега тие не сакаат да шпекулираат зошто вирусите, вклучувајќи го и „семејството“ коронавируси на кои им припаѓа причинителот ковид-19, побрзо се шират на пониски температури, освен што е познато „дека низ влажниот воздух потешко патуваат, односно имаа пократок дострел“. Меѓу другото, научниците мислат дека би можело да има влијание и податокот дека човековиот имунитет во текот на зимата е „успиен“, како и тоа дека сувиот воздух ја суши слузокожата на носот, која е првата линија на одбраната, па токму низ носот најлесно влегуваат вирусите.
И имунолошките станици, фагоцитите, судејќи според сѐ, помалку се активни во организмот на пониски температури, што значи дека ќе бидат помалку успешни во уништувањето на вирусот. Пресметката на кинеските научници зборува дека заразеното лице, ако се зголеми температурата за 15 степени, би го ширело коронавирусот на околу 0,5 лица помалку. Ако на тоа се додадат социјалното дистанцирање, поубавото и потопло време, осетно би се намалило ширењето на ковид-19.