Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шефот на компанијата „Клаудфлер“, која е еден вид „интернет-сообраќаец“ во светски рамки, вели дека последните неколку недели забележуваат голем скок во количествата на податоци на интернет

Работењето од дома и самоизолацијата ги вжештија мрежите

Пандемијата на ковид-19 предизвика масовно затворање на луѓето во своите домови, а нивната единствена комуникација со надворешниот свет остана интернетот. Во време кога сè поголем број луѓе во Европа и во САД работните задачи ги вршат од дома, со право се поставува прашањето дали интернет-мрежата ќе успее да го издржи притисокот од неколкукратно зголемениот сообраќај. Поголем дел компании работат од дома, учениците следат онлајн-настава, а и политичарите сè почесто користат видеоконференциски врски за состаноци и средби. Шефот на компанијата „Клаудфлер“, која е еден вид „интернет-сообраќаец“ во светски рамки, вели дека последните неколку недели забележуваат голем скок во количествата на податоци на интернет.

– Работата од дома бара и доста податоци, видеоконференции и големи датотеки – вели Метју Принц, директор на „Клаудфлер“.
Во време на карантин во Италија, земја најтешко погодена од пандемијата, италијанскиот телеком регистрирал 75 отсто зголемен дата-сообраќај, најмногу преку играњето мрежни видеоигри.
Од друга страна, посетата на порталите за вести пораснала за 62 отсто, што предизвика пад на серверите на многу медиуми поради зголемениот број корисници. За да спречи евентуален пад на интернет-мрежата, ЕУ побара од компаниите како „Јутуб“ и „Нетфликс“ да го намалат квалитетот на стримингот, за да не дојде до оптоварување и пад на мрежата.

– Во принцип, домашните мрежи би требало без поголем проблем да го издржат зголемениот интернет-сообраќај. Навистина голем дел од луѓето останаа дома, но не користат сите интернет, така што не очекувам да има некаков проблем – вели извор од Агенцијата за електронски комуникации. Според него, во ситуација како оваа со коронавирусот, најсигурно решение би биле 5Г-мрежите.
– Во ваква ситуација, 5Г-мрежата ќе беше идеална, бидејќи овозможува огромен трансфер на податоци, така што немаше да постои никаква закана по стабилноста на мрежите – додава истиот извор.
Сличен став имаат и од телекомуникацискиот оператор „Неотел“, од каде што велат дека работењето од дома не ги оптоварува мрежите.
– Сè функционира нормално. Немаме забележано никаков проблем на мрежата – додаваат кратко од оваа компанија.Од друга страна, поради зголемениот број корисници на интернет-порталите со вести, не се исклучува можноста некои од нив повремено да станат недостапни.

– Тоа нема никаква врска со стабилноста на мрежите. Секој портал е на некој сервер, а пакетот што го плаќа на месечно ниво кај провајдерот предвидува и колкав е максималниот број на корисници што во еден момент можат да влезат на страницата. Понекогаш се случува да влезат поголем број корисници и страницата привремено да стане недостапна, но тоа за кратко време се отстранува – вели Никола Петров, ИТ-техничар.
Како и да е, во време кога светот е во карантин, интернетот стана единствениот прозорец преку кој луѓето се охрабруваат да издржат во можеби најтешките моменти од нивните животи и да знаат дека не се сами.


Според операторите, состојбата е стабилна

Од „Македонски телеком“ потврдуваат дека во последниот период има зголемување на сообраќајот, но смируваат дека телекомуникациската мрежа е стабилна.
– „Македонски телеком“ презема дополнителни мерки за зајакнување и зголемување на капацитетот на мрежата за да се задоволат потребите на корисниците. – посочуваат од компанијата.

Сличен став имаат и во телекомуникацискиот оператор „А1 Македонија“.
– Направени се детални сценарија за обезбедување континуитет на работењето и обезбедување на услугите – велат од „А1 Македонија“, притоа апелирајќи до корисниците за одговорно и рационално однесување.