Иронично е што здравјето, а можеби и политичката иднина на Доналд Трамп сега се во рацете на високообразовани доктори, а во текот на пандемијата американскиот претседател постојано ги омаловажуваше експертите, пишува Ендрју Хил, во неговата колумна за „Фајненшл тајмс“.
Дури и за време на претседателската дебата, непосредно пред неговата дијагноза на ковид-19, Трамп го нападна водечкиот американскиот епидемиолог Ентони Фаучи, обвинувајќи го дека се премислува за користа од носењето на маска.
Лекомислените коментари на претседателот се симптом на опасното потценување на вистинските експерти, дури и кога т.н. инстант-експерти се во подем.
За да се стане експерт, потребни се години, а коронавирусот веќе го попречува патот до експертизата. Одредени експерти работат во самотија, но многумина се вклучени во групна работа. Социјалното дистанцирање ги намали консултациите помеѓу докторите и пациентите лице в лице, заменувајќи ги со видео-повици, а ги принуди докторите и да најдат нови начини за да се организираат во тимови.
Вистинската закана претставува зголемената желба за брзи решенија. Луѓето им аплаудираат на „тикток-експертите“ наспроти оние кои вложиле време за да станат експерти. Или пак, луѓето претпоставуваат дека вештините прикажани на социјалните мрежи можат да се стекнат без труд.
Таков е случајот и со Трамп. Тој понекогаш избрзува со тврдењата за „природна способност“ во врска со прашањата за чие разбирање на неговите експерти-советници им беа потребни години.