Додека ноќните забави сѐ уште траат во Флорида, коронавирусот вирее
Поради големиот број ноќни забави кои траат до утринските часови на Флорида, на кои не може да се почитуваат мерките за заштита и за социјално дистанцирање, стана невозможно медицинските работници да ги следат кластерите на коронавирус и ширењето на заразата пренесува „Њујорк тајмс“.
Иако ноќните клубови во Мајами беа затворени во март, забавите на отворено продолжуваат да се организираат во раскошната станбена населба на островот Бел Мејд. Младите пристигнуваат во спортски автомобили неколку вечери неделно, тврдат жителите, кои мораат да спијат со тампони за ушите поради гласната музика на забавите кои траат до зори.
Поради бескрајното забавување, коронавирусот вирее на Флорида. Засега е непознато колку ваквите забави се виновни за ширењето на вирусот, бидејќи младите одбиваат да соработуваат и да одговараат на прашањата на полицијата и медицинските работници.
– Стотици луѓе доаѓаат на овој остров. Вирусот се шири бидејќи тие немаат почит кон здравјето на другите – изјави Џери Клеме-Заијак, медицинска сестра која 25 години живее на островот.
Полицијата во Мајами прекина куќна забава нешто пред полноќ во средата, изјави портпаролот на одделот. На забавата имало повеќе од сто луѓе, проценува Рита Лагас, која била сведок на случајот. Но, таа предвидува дека тие набрзо повторно ќе се вратат, бидејќи младите постојано одат од една забава на друга.
Поради ноќните забави, во Флорида се проценува дека има над 10.000 нови ковид-случаи. Младите одбиваат да помогнат во следењето на заразата и не ги споделуваат имињата на нивните гости со властите, кои безуспешно ги молат да не прават масовни собирања. Поради забавите, има скок на заразени кај младите од 18 до 34 години.
– Причината за новите случаи се матурските забави, собирите по рестораните и журките, кои иако се на отворено, сепак, не може да се одвиваат со почитување на мерките за дистанцирање и заштита од вирусот – вели градоначалникот на округот Мајами-Дејд Карлос Хименез.
Ширењето на вирусот е поврзано и со масовните протести против полициската бруталност, иако властите одбиваат да признаат дека демонстрантите и оние кои одат на плажа се одговорни за ширењето на вирусот. Наместо тоа, властите тврдат дека виновници се оние кои одат во рестораните и присуствуваат на ноќните забави.
Властите можат да ги принудат рестораните и баровите да го намалат работното време или да затворат, но потешко е да се справат со куќните забави, бидејќи тие не можат да се дефинираат на начин на кој ќе им се даде надлежност на службените лица да реагираат. На одредени забави се поканети пријатели на пријатели, па дури и странци, што дополнително го отежнува следењето на заразата.
Поради неуспешното следење, голем број болници во Флорида се преполнети со ковид -пациенти, а голем број операции се одложени. Досега од оваа причина починале околу 3.600 луѓе.
– Можеби ќе треба да ги промениме приоритетите во следењето на заразените, бидејќи бројките продолжуваат да се зголемуваат, така што во одреден справувањето со заболените е невозможно – изјави Раул Пино, доктор од Орландо.
Тој самиот успеал да следи некои заразени случаи и открил дека многумина од нив се луѓе што излегуваат во ресторани и одат на ноќните забави.
Поради неможноста за следење на заразата, голем дел од населението на Флорида смета дека повторно треба да биде воведен карантин, бидејќи ситуацијата предизвикана од младите кои неуморно се забавуваат до раните утрински часови ја надминала секоја граница.