Кинеските експерти велат дека пациентите со ковид-19, кој сега се појави на североистокот на земјата, имаат поинакви симптоми од досегашните и подолг период на инкубација.
Различните симптоми и подолгиот период на инкубација се новина во споредба со оние на пациентите од Вухан, каде првично изби епидемијата.
Стручњаците наведуваат дека новите случаи во провинцијата Џилин имаат симптоми кои не се типични за коронавирусот каков што досега го знаеме, пренесува Би-би-си.
Имено, пациентите немаат температура, но се чувствуваат уморни или имаат болка во грлото, додека некои дури немаат никакви симптоми.
Експертите веруваат дека ова покажува оти коронавирусот може да се промени.
Според официјалната кинеска новинска агенција „Ксинхуа“, 25 лица со ковид-19 во моментот се лекуваат во болница во североисточниот дел на Џилин.