Новата варијанта на коронавирусот, наречена омикрон, може да има страшни последици. Но, доколку се испостави дека мутацијата, првпат забележана во Боцвана и во Јужноафриканската Република (ЈАР), предизвикува поблаги симптоми од делта-сојот, тогаш таа можела да значи и одредена предност во борбата против пандемијата, пишува магазинот „Атлантик“.
Влијанието на омикрон врз текот на пандемијата ќе биде условено од три фактори – преносливоста, способноста да ја избегнува имунолошката одбрана и вирулентноста. Од овие фактори ќе зависи сериозноста на болеста што ќе може да ја предизвика омикрон.
Доколку се покаже дека омикрон лесно се пренесува, односно оти лесно може да ги пробие антителата и да предизвика невообичаени опасни компликации, тогаш светот ќе се соочи со голема неволја. Меѓутоа, доколку омикрон се покаже како суперзаразен и со благи симптоми, тогаш тоа може да биде совршена варијанта на коронавирусот.
Сегашната состојба сугерира дека во следните години ќе живееме со коронавирусот. Во многу држави што имаат голем број вакцини, степенот на имунизација сѐ уште не е блиску до 100 отсто. Дури и секој човек на планетата да се стекне со одреден степен на имунитет преку вакцинација или прележаност, тогаш вирусот би можел да се повлече кај многубројните животински домаќини и повторно да се врати кај човечката популација во некоја поинаква форма, наведува „Атлантик“.
– Сметам дека нема разумна личност во јавното здравство која во овој момент мисли дека искоренувањето или елиминацијата на коронавирусот е реална цел – вели Тара Кирк Сел од Центарот за здравствена безбедност при „Џонс Хопкинс“.
Информациите кои пристигнуваат од ЈАР и од Израел велат дека омикрон е помалку сериозен од делта-видот. Од шесте пријавени случаи на омикрон во Европската Унија, досега не се забележани тешки или смртни последици. Меѓутоа, податоците се ограничени. Досега се регистрирани околу 250 случаи ширум светот, а најголемиот дел од нив се во ЈАР. Оваа африканска држава има бројна млада популација, а младите во просек се помалку подложни на компликации.
– Доколку омикрон продолжи да покажува знаци дека е поблаг од делта, тоа е добра вест. А, доколку се покаже дека шири побрзо од делта-видот, тогаш тоа е одлична вест. Кога се пренесуваат две варијанти, тогаш онаа варијанта која е позаразна за луѓето, има тенденција кон доминирање – смета Самуел Скарпино од Институтот за превенција на пандемијата од фондацијата Рокфелер.
Варијантата која не доаѓа со ризик од хронични симптоми, можеби не е толку лоша работа, истакна Елизабет Халоран, биостатистичар во Центарот за истражување на ракот „Фред Хачинсон“.
Можеби омикрон ќе ги „заобиколува“ вакцините, но доколку не предизвикува тешка болест, тоа е чекор во вистинската насока. Еден од можните проблеми предизвикани од евентуалниот суперзаразен омикрон, би било тоа што оние што ќе заболат од него, нема да имаат голема заштита подоцна, посочува Скарпино. Тоа значи дека лесните случаи на ковид-19 можеби нема да го поттикнат имунолошкиот систем да произведува антитела во толку голем број како што се случува со посериозните варијанти.
Али Елебеди, имунолог на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, пак, тврди дека дури и доколку инфекцијата помине со полесни симптоми, телото може да создава антитела и да ги „тренира“ Т-клетките, за да се бори против „напаѓачот“ кога ќе пристигне следниот пат.
Можеби омикрон е попренослив од делта, но не е повирулентен, според Кирк Сел. Затоа, се претпоставува дека новиот вид би можел да го врати светот кон повторно воведување на построги мерки за носење заштитни маски и за социјално дистанцирање, во текот на одредено време.
Или, пак, омикрон може да биде помалку пренослив од делта-видот и практично да се вратиме таму каде што бевме пред две недели – заглавени со делта-сојот, чекајќи ја следната варијанта на коронавирусот, според анализата на американскиот магазин.
Скрапино пак, смета дека делта-видот, на своевиден начин, е идеална варијанта. Според неа делта-видот е доволно е пренослив за да доминира во однос на поопасните варијанти, а неговата вирулентност може да се контролира преку вакцинација.
Во следните неколку недели, ќе дознаеме дали омикрон ќе биде подобра варијанта или зналително полоша од претходниците, заклучува „Атлантик“.