Здравствените власти во Африка се загрижени поради застојот на нивните кампањи за вакцинација кои во голема мера зависат од увозот на вакцини, пишува „Фајненшл тајмс“.
– Пред два месеца Индија победнички славеше и делеше вакцини низ светот како да се слатки. Тие нагласуваа колку добро поминале поради имунитетот и младата популација. А видете каде е Индија сега – вели д-р Ајоаде Алакиџа, копретседателка на Алијансата за доставување вакцини на Африка, која координира со дистрибуцијата на вакцини на Црниот континент.
Кризата во Индија, според африканските здравствени експерти, претставува доказ за тоа што би можело да се случи во Африка ако кампањата за вакцинација не се забрза, односно ако вирусот продолжи да се шири.
Африка заостанува во темпото на вакцинација, со што надлежните служби планираат да имунизираат барем 30 отсто од популацијата од 1,2 милијарди до крајот на годинава. Но, ограничувањата, логистичките проблеми и недовербата кон вакцините придонесоа за бавно спроведување на кампањата.
Африка досега прими вкупно 32 милиони дози вакцини, од кои засега се искористени 18 милиони, но се соочува со недостиг на залихи откако Индија го блокираше извозот на вакцини од Серум институтот.
– Нема вакцини. Тешко е да се каже дека има проблем со кампањата за вакцинација кога немате со што да вакцинирате – потенцира Алакиџа, додавајќи дека во јуни се очекува доставата на нови дози преку системот „Ковакс“.
Многумина тврдат Африка можеби нема да има потреба за вакцинација на голем дел населението за да ја стави пандемијата под контрола, со оглед на младата популација на Африка и ниската стапка на смртност. Но здравствените власти во Африка остануваат посветени на целта за имунизација на барем 60 отсто од популацијата.
Африканските влади засега зависат од системот „Ковакс“ и затоа немаат избор за тоа кои вакцини ќе ги користат.