Научниците од целиот свет вложуваат огромни напори во обидот да се изборат во глобалната борба со коронавирусот. Две меѓународни групи научници, независно една од друга, објавија дека најверојатно се откриени појдовните точки за инфекција со коронавирусот. Се навестува ли со тоа дека е направен сериозен чекор кон развојот на лекарства што би можеле да го намалат ширењето на вирусот
Меѓународна група на научници ги идентификува двата специфични типа клетки во носот, вретенести и цилијарни, како најверојатни појдовни точки за инфекција со коронавирусот.
Откритието, што беше објавено во списанието „Нејчр медисин“ го отвора патот за развој на лекарства што би можеле да го намалат ширењето на вирусот.
Исто така, во една друга студија, американските научници од Харвард и Институтот за технологија на Масачусетс (МИТ) открија кои клетки во белите дробови и цревата се најосетливи на новиот коронавирус.
Во јануари годинава тие го изолирале вирусот САРС-КоВ-2 како предизвикувач на новата болест ковид-19, така што научниците дознале дека коронавирусот го користи својот протеин С за да се поврзе со клеточниот рецептор во нашето тело. Во својата пенетрација во клетката, вирусот се потпира на рецепторот ACE2 и на протеазата на TMPRSS2. Но не е јасно кои клетки биле први заразени.
За да дознаат кои клетки се први на удар од коронавирусот, научниците анализираа податоци од конзорциумот „Хјуман сел атлас“ (HCA) на 20 различни вида ткива и органи, вклучувајќи ги: градите, носот, очите, цревата, бубрезите и црниот дроб.
– Откривме дека рецепторот ACE2 и протеазата TMPRSS2 би го активирале влегувањето на САРС-КоВ-2 во клетките од разни органи, вклучувајќи ги и клетките на внатрешната слузница од носот. Исто така, откривме дека вретенести и цилијарни клетки што произведуваат слуз имаат највисоко ниво на ACE2 и TMPRSS2 рецептори на протеаза, од сите клетки на дишните патишта.
Веројатно ова е почетната патека на инфекцијата со коронавирус – рече првиот автор на студијата, д-р Варадон Сунганк, од институтот „Велком Сангер“, за „Сајенс дејли“.
Ова е прв пат одредени назални клетки да бидат поврзани со ковид-19. Локацијата на овие клетки што се наоѓаат на површината од носот ги прави високодостапни за вируси, а исто така може да помогнат и во пренесувањето на други луѓе, истакна коавторот на студијата д-р Мартијн Новијн од универзитетот „Гронинген“.