Истражување: Што се случува со телото на детето заразено со коронавирусот
Научниците и истражувачите, чиј фокус на истражување е коронавирусот, укажуваат дека треба сериозно да им се пристапи и на „нападите од короната и на последиците од тие напади“ за децата. Особено затоа што болеста не спласнува туку напротив покажува знаци на мутација и никој не може да претпостави до кога ќе биде присутна меѓу луѓето. Според она што досега беше познато, симптомите кај најмладите се мошне благи, додека некои тестирани деца не покажале никакви симптоми. Сепак, едно од десет деца завршило на интензивна нега. Лекарите велат дека новата студија, која е објавена во научното списание „Лансет чајлд енд адолесцент хелт џрнал“ дава надеж. Во врска со оваа тема, Би-би-си се осврнува малку подлабоко и забележува дека научниците допрва треба да ја пронајдат најсоодветната терапија за децата што развиваат најтешка форма на болеста
Што покажала студијата?
Тимот истражувачи, предводени од научници од институтот при детската болница „Грејт Ормонд Стрит“ од Лондон, ја следел состојбата на 582 деца од 3 до 18 години од 25 европски земји. Сите деца покажале позитивен тест на ковид-19 на врвот на епидемијата во април. Една четвртина имале придружни здравствени проблеми, додека преостанатите покажале дека боледуваат од уште една болест. Од четирите деца што починале, од оние 582 (0,69 отсто од примерокот), ниту едно не било на возраст под 10 години, а две од нив имале други болести. Повеќе од половина од децата опфатени во студијата биле хоспитализирани, додека 8 отсто завршиле на интензивна нега.
Какви симптоми имаат децата?
Најчесто имале треска (65 отсто), инфекција на горниот респираторен тракт (54 отсто), пневмонија (25 отсто) и гастроинтестинални симптоми (22 отсто). Некои од децата (16 отсто), претежно тестирани бидејќи биле во контакт со заразено лице, не покажале никакви симптоми.
Кои се последиците?
Истражувачите посочуваат дека стапката на смртност кај новороденчињата е „значително пониска“ отколку што покажала студијата, со оглед на тоа дека некои деца, кои развиле благи симптоми, сè уште не биле тестирани за време на студијата. Научникот Марк Тебриг, од институтот „Грејт Ормонд Стрит“, вели дека кај повеќето деца и тинејџери била забележана само блага форма на болеста.
„Сепак, значителен е бројот на децата со тешка форма на болеста, каде што била потребна и интензивна нега. Ова треба да се земе предвид при планирање и одредување приоритет на здравствените ресурси бидејќи пандемијата се шири понатаму“, истакна научникот. Децата што биле заразени од други респираторни вируси покрај коронавирусот, почесто морале да заминат на интензивна нега.
Значителни последици за претстојната зима?!
„Ова може да има значителни последици за претстојната зима, кога инфекциите како настинка и грип се почести“, рече д-р Бегона Сантијаго-Гарсија од универзитетската болница „Грегорио Маранон“ во Мадрид, Шпанија.
Од сево ова може да се заклучи дека големо мнозинство од децата и од тинејџерите, дури и ако се заразени, ќе немаат никакви симптоми, но сепак тие би биле носители на болеста и би им ја пренесувале на постарите членови од семејството, за кои болеста би била многу фатална. С.Н.М.