Милиони деца во САД се соочуваат со потешкотии предизвикани од потребата за користење на компјутер за време на пандемијата, а многумина студенти немаат компјутери за да следат онлајн настава, објавува „Њујорк тајмс“.
– Светската побарувачка за евтини лаптопи која забележа зголемување од 41 отсто во однос на минатата година, предизвика неколкумесечни доцнења на испораките, создавајќи проблеми за училиштата. Областите со подлабоки џебови честопати излегуваат како победници во борбата за снабдување со лаптопи, на сметка на посиромашните кои треба да чекаат новите компјутери да стигнат на зима – наведува американскиот весник.
Ваквата ситуација предизвика фрустрации за многумина студенти, особено во руралните заедници и во заедниците од другите раси, кои честопати се соочуваат и со недостиг на пристап до брз интернет. Во 2018 година 10 милиони американски студенти немале соодветен комјутер дома, покажале истражувањата. Таквата состојба се покажува како проблематична при следењето на настава на далечина.
Продавачите на компјутери имаа огромна побарувачка од училиштата низ светот. Глобалната испорака до училиштата забележа раст од 24 отсто од вториот квартал на 2019 година, според податоците на „Њујорк тајмс“.
Со слични потешкоии се соочува и Македонија. Пред почетокот на учебната година Министерството за образование и наука извести дека 40 илјади деца немаат техничка опрема за следење на онлајн наставата. Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) исто така реагираше дека со проблеми се соочуваат и голем број наставници што немаат компјутери. И во Македонија има зголемена побарувачка за компјутери, со што се појавија информации дека во продавниците останале само најскапите модели.