Додека фармацевтските компании се тркаа во развивањето вакцини против ковид-19, за да ја прекинат целната линија во рекордно време, најголемите светски прозведувачи на вакцини беа губитниците во трката, пишува „Фајненшл тајмс“.
„ГлаксоСмитКлајн“ (ГСК), „Мерк“ и „Санофи“ сега се обидуваат да го надоместат загубеното, откако брзиот старт на „Модерна“ и на „Бионтек“ го прикажа нивното владеење со новите технологии кои ќе ја обликуваат индустријата во годините што доаѓаат.
Американската компанија „Мерк“ неодамна потполно се откажа од програмата за развој на вакцина, а француската „Санофи“ и британски „ГСК“ мораат одново да ги спроведат првите фази на тестирање на вакцината што ја развиваат, по грешка во дозирањето.
Според медицинскиот истражувач Заин Ризви, значителниот глобален недостиг на вакцини е директно поврзан со фармацевтските компании кои не се покажале во пандемијата. Пазарот на вакцини веќе изгледа потполно различно годинава и зависи од различните видови на ковид-19 и потребата од имунизација, а дел од промените веројатно ќе останат трајни.
Минатата година „ГСК“, „Санофи“, „Мерк“ и „Фајзер“ доминираа на пазарот со веќе постоечките вакцините, како оние против грипот и пневмонијата. А меѓу водечките производители на вакцини, единствено „Фајзер“ создаде успешна вакцина против ковид-19, развиена заедно со германската компанија „Бионтек“. Се проценува дека „Фајзер“ годинава ќе има тројно поголем приход од вакцини, додека „Новавакс“ и „Модерна“ ќе ги надминат „Мерк“, „ГСК“ и „Санофи“. Промената се одрази и врз цената на акциите.
Кризата на многумина им даде прилика да ги забрзаат програмите за развој на вакцини, но трите големи произведувачи дадоа приоритет на веќе испробаните и тестирани методи. Напорите на „Мерк“ беа засновани врз неговата вакцина против ебола, но американската компанија на крајот се откажа од развојот на вакцина против ковид-19 по раните разочарувачки резултати од тестирањата.
Познавачите на состојбите се сомневаат и дека вниманието на големата тројка останало насочено кон веќе постоечките бизниси, наместо да се фокусираат врз развојот на вакцина против ковид-19. Особено откако претходните епидемии, како што се САРС и МЕРС, стивнаа пред да биде произведена вакцина.
– Неуспехот на трите најголеми произведувачи на вакцини да ја сфатат кризата сериозно и да одговорат со активен пристап индицира на поголем неуспех во бизнис-моделот на индустријата за давање приоритет на потребите на јавното здравје – заклува Ризви.